Осум лица, меѓу кои и еден малолетник се уапсени по вчерашните инциденти во Скопје за време на прославата на Денот на албанското знаме.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција денес рече дека четири од уапсените лица се приведени поради учество во тепачка, а другите се лишени од слобода поради предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост.
„МВР одговори максимално брзо, нема да дозволиме ваков вид на дејствија и подгорување на меѓуетнички тензии. Во текот на вечерта се целосно расветлени повеќе случаи, а некои делумно. Уапсени се 8 лица од страна на полицијата. Четири лица меѓу кои и малолетник за сквернавење на македонското знаме“, рече Тошковски на денешната прес-конференција.
Според него, приведените се во полициска станица и по насока на јавен обвинител, по итна постапка, ќе бидат изведени пред суд. Уапсените се млади лица на возраст од 18, 19, 20 и 21 година, додека еден е малолетен.
Тошковски најави дека во наредните денови и други лица ќе бидат повикани на разговор. Додаде и дека е расчистено со лицето што го кине македонското знаме на снимките што беа објавени на социјалните мрежи, а уапсено било и лицето во црвеното возило што се гледа на снимката.