fbpx

Осум жртви на екстремниот студ во САД, „Полaрниот вител“ продолжува

-

Арктичките температури што зафатија неколку сојузни држави од Средниот запад на САД беа причина за смртта на најмалку осум лица, јавуваат американските медиуми.

Студениот бран наречен „Поларниот вител“, кој донесе рекордно ниски температури, карактеристични за поларните региони, блокираше голем дел од градовите. Прогласена е вонредна состојба во огромен дел од средниот појас на САД, дури и во Алабама и Мисисипи, кои се на крајниот југ.

Температурите паднаа до -30 Целзиусови степени во Чикаго, третиот најголем град в САД, а до -37 степени во Северна Дакота, што е пониско од најниските температури во некои делови на Антарктикот. Рекордот ноќеска е постигнат во градот Понсфорд, Минесота, каде беа измерени -66 Целзиусови степени.

Студот однесе најмалку осум животи – двајца луѓе во државата Мичиген смрзнале до смрт блиску до своите домови од кои излегле недобро облечени. Еден 55-годишен маж починал во Милвоки, откако колабирал поради студот по долгото чистење снег пред гаражата. Во Пекин, Илиноис, бил пронајден 82-годишник кој исто така станал жртва на студот.

Во Чикаго 75-годишен маж загинал откако бил удрен од камион што ринел снег, а во северниот дел на државата Индијана двајца млади луѓе загинале во сообраќајка поради голомразица. Крај една од зградите на Универзитетот на Ајова бил пронајден починат од студ и еден студент.

Таканаречениот „Поларен вител“ ќе го почувствуваат околу 250 милиони Американци, од кои 90 милиони се соочени со температури од најмалку -17 Целзиусови степени и надолу.

Во Чикаго беа откажани 1.500 од двата аеродрома, а железничката компанија „Амтрак“ исто така ги откажа сите возови што тргнуваат од Чикаго или требало да пристигнат во него.

Снегот продолжи да паѓа и вчера на потегот од Големите Езера до Нова Англија. Во државата Висконсин наврнаа 60 сантиметри снег. И денеска се очекува да продолжи поларното невреме со ниски температури и смрзнувачки ветер, а според некои прогнози така ќе биде се до крајот на викендот.

Како што пренесуваат американските медиуми, според полициски извори, стапката на криминал во Чикаго пораснала, а криминалците дури со пиштоли напаѓаат луѓе за да им ги одземат нивните јакни.

Метеоролозите предупредуваат дека е опасно на таков студ да се стои непрописно облечен и заштитен повеќе од 10 минути, бидејќи се појавуваат смрзнатини. Многу Американци купуваат скијачки очила за да си ги штитат очите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...