Осум членови на екипаж се водат за исчезнати откако во текот на ноќта се запали танкер во романските територијални води во Црното Море. Во истиот период пожар избувнал и на уште еден танкер, но неговиот екипаж е безбеден, објави Ројтерс.

Пожарот избувнал на танкерот „Wine Trader“, кој плови под знамето на Сан Марино. Од вкупно 12 членови на екипажот, четворица се спасени, додека по осум се трага.

Во близина се запалил и танкерот „Yara J“, кој плови под знамето на Коморските Острови. Сите членови на неговиот екипаж се безбедни.

Инцидентите се случија откако руски дронови навлегоа во воздушниот простор на Романија. Романските власти засега не соопштија дека пожарите на бродовите биле предизвикани од дронски напади, но ова се случува по серијата напади врз товарни бродови во близина на Романија и Бугарија.

Во последните десет дена најмалку пет други товарни бродови биле погодени во напади во регионот, при што најмалку 23 морнари биле изгубени.

Двата танкери се наоѓале во близина на Сулинскиот канал, на вливот на Дунав во Црното Море. Областа е важна за поморскиот сообраќај бидејќи Украина, поради руските напади врз нејзините црноморски пристаништа, сè повеќе ги користи дунавските пристаништа и рутите во близина на романскиот и бугарскиот брег.

Романија во изминатите години повеќепати пријавуваше навлегување на руски дронови во својот воздушен простор.

Зголемените напади врз бродови во Црното Море ја зголемуваат загриженоста за безбедноста на важните транспортни рути, но и за глобалното снабдување со храна, со оглед на тоа што Русија и Украина се меѓу најголемите извозници на жито.