Осум месеци откако ја воведе, Твитер ја гаси опцијата „Флитс“

фото: Твитер (Twitter)

Поради малата заинтересираност и употреба, Твитер ја исклучува функцијата „Флитс“ (Fleets), која на корисниците им овозможуваше да постираат содржини- твитови, слики и видеа, кои истекуваат по 24 часа.

Твитер се одлучи на овој чекор само осум месеци откако минатиот ноември со голема возбуда на глобално ниво ја претстави новата функција која требаше да привлече и да активира што повеќе корисници при „твитањето“.

Сега, почнувајќи од 3 август, корисниците на Твитер во горниот дел од почетниот екран ќе можат да ги најдат само собите за аудио-разговор „Спејсес“ (Spaces).

Одлуката на Твитер да ги исклучи „флитовите“ не доаѓа само како резултат на малата заинтересиреност за нив, туку компанијата признала дека сè уште не сфатила како да ги натера луѓето да објавуваат повеќе твитови. Твитер со години се бори да ги натера новите корисници редовно да објавуваат содржини, наместо само да ги читаат твитовите на другите луѓе.

Флитовите беа новата функција која беше клон на „Стори“ (Story) – форматот кој пред неколку години беше воведен од Снепчет, а потоа дополнително популаризиран од Инстаграм.

„Се надевавме дека „Флитс“ ќе им помогне на повеќе луѓе да се чувствуваат удобно за да се вклучат во разговори на Твитер. Но, откако им ги претставивме „Флитс“ на сите корисници, со текот на времето не видовме зголемување на бројот на нови луѓе кои се вклучуваат во разговори како што се надевавме“, изјавил Илја Браун, потпретседател на продуктите на Твитер.

Во последната година Твитер често експериментира со нови опции и функции на својата платформа, со цел да ги активира пасивните корисници на социјалната мрежа.