Осум години „Мета.мк“ – професионално новинарство одговорно кон јавниот интерес

-

Новинската агенција „Мета.мк“ деновиве прославува осум години од нејзиното основање. Со официјална работа започна на 11 ноември 2014 година, во рамки на Фондацијата „Метаморфозис“, која е и нејзин основач. Во досегашното функционирање, во редакцијата на „Мета.мк“ свој траг во работењето оставија десетици новинари, а севкупно имаме објавено над 79.000 текстови – вести, интервјуа, анализи, репортажи, истражувачки стории, како и преземени текстови од нашите колеги од „Вистиномер“ и „Порталб.мк“, но и од други домашни и странски медиуми.

Првиот главен уредник на „Мета.мк“, Зоран Андоновски, по повод осмиот роденден вели оти „Мета“ се појави пред сè како потреба, како можност медиумите и граѓаните да добијат изворна и проверена информација во време на апсолутна доминација на една единствена и владино-партиска новинска агенција и дузина заробени медиуми принудени да црпат информации само од неа.

„Фактот дека речиси една деценија „Мета“ остана верна на изворните принципи на професионалното новинарство, надополнети со користењето на дигиталните и други модерни алатки само ја оправдува поддршката што ја доби на почетокот од оние кои веруваа во оваа нејзина ‘мисија’“, вели Андоновски.

Промотор на новинарството како јавно добро

„Мета.мк“, заедно со „Вистиномер“ и „Порталб.мк“, во 2019 година ја добија годишната награда „Роберто Беличанец“ за медиум промотор на новинарството како јавно добро, која ја доделува Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Покрај текстови на македонски јазик, „Мета.мк“ објавува новинарски содржини и на англиски јазик, а повремено на албански и на српски јазик. Повеќе години наназад, новинската агенција конзистентно како ретко кој друг медиум во земјава работи и на новинарски содржини базирани на податоци, при што заедно со текстуален материјал изработува инфографици и други визуелни содржини за поквалитетно информирање на јавноста. „Мета.мк“ е присутна и на интернет секаде каде што се активни и македонските граѓани – од „Фејсбук“, „Твитер“ и „Јутјуб“ , до „Инстаграм“ и „ТикТок“ за помладата публика.

Во своето продукциско портфолио, а во соработка со порталот на албански јазик „Порталб.мк“, Новинската агенција „Мета.мк“ досега има изработено 61 епизода од емисијата за млади „Шорткат“ (Shortcut), која редовно се емитува секој четврток од 19 часот на нашите социјални мрежи. Како еден од ретките македонски медиуми, „Мета.мк“ со заеднички новинарски тимови со „Порталб.мк“ продуцира медиумски содржини на македонски и на албански јазик. Ние всушност сметаме дека мноштвото горливи проблеми што ги тиштат граѓаните и за коишто пишуваме ги надминуваат јазичните, етничките, регионалните, културните и другите бариери во македонското општество.

Посветено информирање на младите

Новинската агенција „Мета.мк“ изминатиов период е посветена особено на третирањето општествени теми за кои повеќето македонски медиуми не наоѓаат доволно простор во услови на секојдневното опсежно покривање на дневно-политички настани и кликбејт содржини. Редакцијата е особено посветена на информирањето на младите за теми што го опфаќаат формалното и неформалното образование, заштитата на човековите права, технолошките иновации, проблемите со кои се соочуваат студентите, средношколците, но и сите оние заедници кои се наоѓаат на маргините на македонското општество, како и теми кои ги опфаќаат сите можни аспекти на заштитата и зачувувањето на животната средина.

„Мета.мк“, како независна новинска агенција на домашната медиумска сцена нуди професионално изработени, оригинални и проверени информации, со крајна цел да помогне во восприемањето на политичките процеси како предуслов за значајно граѓанско учество. Следејќи го најновиот позитивен развој на медиумските куќи ширум светот, редакцијата на „Мета.мк“ изминатиот месец започна и со редовна продукција на проверки на факти, кои како текстуални содржини се објавуваат под името „Мета факт“.

Благодарност за довербата

„Имајќи го предвид недоволно развиениот медиумски пазар во земјата, каде голем дел од редакциите би објавиле сенешто во потрага по клик-повеќе – што редовно се злоупотребува од разни центри на моќ – ние свесно одлучуваме да работиме поинаку“, вели Горан Ризаов, главниот уредник на „Мета.мк“.

„Вниманието на јавноста сакаме да го насочиме кон теми кои се исклучително важни и проблеми чие решение значи поквалитетен живот за граѓаните“, вели Ризаов додавајќи дека „против деградирањето на нашиот занает се бориме преку едукација на младите новинари во нашата редакција и нивно насочување кон професионалните и етички стандарди“.

Воедно, сакаме да им се заблагодариме на нашите читатели за довербата во овие осум години. Исто така, им се заблагодаруваме за професионалноста и посветеноста на сите новинари и медиумски работници кои беа и се дел од „Мета.мк“, како и на колегите од „Порталб.мк“, „Вистиномер“ и Фондацијата Метаморфозис.

Сите објавени содржини коишто се изворно изработени од нашиот медиумски кадар се заштитени со лиценцата Криејтив комонс „Наведи извор – Некомерцијално 2.5“, која им овозможува на корисниците, а особено на другите медиуми, да се стекнат со правото да ги преземаат содржините целосно или делумно под услов да го наведат изворот.

Дваесет години затвор за сторителот на убиствата на сопствениот брат и снаата

Казна затвор од дваесет години денеска му беше изречена на Љ.К. од скопското село Стајковци кој во мај годинава ги лишил од живот сопствениот брат и снаата од другиот брат. Првостепената...

Поради руско влијание поништени резултатите од првиот круг претседателски избори во Романија

Уставниот суд во Романија ги поништи резултатите од првиот круг на претседателските избори неколку дена откако беа декласифицирани извештаи кои тврдат дека Русија водела координирана онлајн кампања за промовирање на екстремно...

Големи протести во Србија под мотото “Застани Србијо“ организирани поради несреќата во Нови Сад

Во Белград, Нови Сад, Ниш, Крагуевац и во други градови во Србија денес се застануваше на 15 минути во протестна акција за оддавање почит на 15-те загинати во трагедијата на железничката...

Јаневска бара „уште неколку дена“ за решавање на случајот со ученикот во „Лазо Ангеловски“

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска рече дека на Министерството му се потребни уште неколку дена за решавање на случајот со малолетникот и бојкотот на наставата во ОУ „Лазо...

Дваесет години затвор за сторителот на убиствата на сопствениот брат и снаата

Казна затвор од дваесет години денеска му беше изречена на Љ.К. од скопското село Стајковци кој во мај годинава ги лишил од живот сопствениот брат и снаата од другиот...