Криста Пајк, осудена за убиство на соученичка пред три децении, го преживеа обидот на Тенеси да ја погуби со смртоносна инјекција доцна во средата, соопштија затворските власти, со што беше спречен првиот обид на државата да погуби жена во последните два века.
Состојбата на Пајк по ова искуство не беше веднаш позната, а не беше јасно ниту кои правни чекори би можеле да ги преземат нејзините адвокати или државата откако таа беше пренесена на медицински третман од затворот со максимално обезбедување „Ривербенд“ во Нешвил.
Одделот за поправни установи на Тенеси ја бранеше постапката околу оваа високопрофилна егзекуција, на која се спротивставуваа нејзините адвокати и експерти за човекови права поради возраста на Пајк во времето на злосторството, нејзиното минато како жртва на сексуална злоупотреба во детството и нелекуваната ментална болест.
„Одделот за поправни установи на Тенеси го следеше секој чекор од законскиот и утврден протокол на државата за извршување на смртна казна, одобрен од Канцеларијата на јавниот обвинител“, се наведува во соопштението на агенцијата.
„Хемикалијата за смртоносна инјекција предвидена во протоколот постојано се покажува како ефикасна, а протоколот не предвидува дополнителни постапки надвор од оние што беа спроведени вечерва. Криста Пајк е пренесена во медицинска установа надвор од затворот“, се заклучува во соопштението.
Адвокатите на Пајк поднесоа барање до федералниот суд за запирање на егзекуцијата, повикувајќи се на изјави на сведоци дека „џелатите ги вбризгале двете шприцеви со хемикалии за смртоносна инјекција, а Пајк сè уште е жива и ‘рчи“, објави Ен-Би-Си Њуз.
Гувернерот на Тенеси, Бил Ли, кој во понеделникот го одби барањето на Пајк за помилување, издаде соопштение по неуспешната егзекуција, со кое ги суспендира сите егзекуции оваа година и повика на сеопфатна ревизија од трета страна на обидот за егзекуција на Пајк, пренесе весникот „Нешвил Тенесиан“.
Ова е втора неуспешна егзекуција во Тенеси оваа година, откако во мај затворските власти ги прекинаа обидите за погубување на маж осуден за убиства, бидејќи не успеаја да најдат соодветна вена за смртоносната инјекција. Неуспешниот обид во средата се случи неколку часа откако Врховниот суд на САД ја укина одлуката на понискиот суд за одложување на погубувањето (донесена во последен момент), со што се отвори патот за извршување на смртната казна врз 50-годишната Пајк поради нејзината улога во мачењето и претепувањето до смрт на 19-годишната Колин Слемер во Ноксвил во 1995 година.
Пајк имала 18 години во јануари 1995 година кога таа, нејзиното 17-годишно момче Тадарил Шип и еден трет соучесник ја намамиле Слемер – нивна соученичка во Ноксвил – во шумска област, каде што ја мачеле и убиле.
Мрачната природа на убиството – при што сторителите врежале пентаграм на градите на жртвата и зеле дел од нејзиниот череп како сувенир од масакрот – предизвика голем медиумски интерес во тоа време.
Пајк и Шип го признале убиството и двајцата биле осудени за убиство од прв степен. Мајката на Слемер, Меј Мартинез, јавно ја поддржала извршувањето на смртната казна.
Новинарите кои присуствувале на обидот за погубување опишале како слушале ‘рчење, гласно издишување, тешко дишење и поплаки од Пајк за непријатност во раката. Во одредени моменти, завесата била спуштена, па новинарите можеле да слушаат само звуци.
Тие изјавиле дека свештени лица биле повикани во просторијата за погубување во два наврати, пред да биде забележано пристигнувањето и заминувањето на возило на брзата помош од затворот.
Освен што била првата жена што сојузната држава Тенеси се обидела да ја погуби по повеќе од 200 години, Пајк требало да стане и единствената личност во модерната ера на смртната казна во САД погубена во Тенеси за злосторство извршено додека била тинејџерка. Во петиција од 226 страници, со која од гувернерот се бара смртната казна на Пајк да се преиначи во доживотен затвор без можност за условно ослободување, нејзините адвокати претходно оваа недела ја изнесоа нејзината животна приказна како жртва на насилство, занемарување и сексуална злоупотреба во детството, вклучително и две силувања на возраст од 11 и 17 години. Тие исто така се повикаа на дијагнозите за биполарно растројство и посттрауматско стресно растројство што таа ги добила додека била во затвор.
Покрај тоа, нејзините адвокати укажаа на докази дека мајката на Пајк прекумерно консумирала алкохол за време на бременоста, што придонело за неправилен развој на мозокот, поради што на нивната клиентка ѝ било тешко да ги контролира своите импулси во младоста.
Според податоците на Одделот за извршување на санкции, Пајк во август 2001 година била осудена и за обид за убиство од прв степен, по напад врз друга затвореничка.
Извршувањето смртни казни врз жени затворенички е исклучително ретко во САД; според Центарот за информации за смртната казна, жените сочинуваат само 18 од вкупно 1.683 лица погубени откако Врховниот суд дозволи повторно воведување на смртната казна во 1976 година. Пред средата, во Тенеси биле погубени 17 лица.

Ознаки: погубување, САД, смртна казна