Остварувањето и заштитата на правата на припадниците на заедниците кои се под 20 проценти од населението, е на половина од она што е пропишано со закон и е нивно уставно право.

Ова денеска го истакна заменик-директорот на Агенција за остварување на правата на заедниците (АОПЗ), Џелал Хоџиќ на прашањето на „Мета“, каква е фактичката состојба во остварувањето на нивните права.

„Според она што е запишано на хартија во законите, припадниците на заедниците треба да се чувствуваат комотно, но ние сме некаде на половина пат од оставрувањата на правата во реалноста. На половина пат сме во правичната застапеност при вработувања, образование на мајчин јазик, информирање на мајчин јазик. Конечно по имаме настава по босански јазик. Потребно е подобрување на состојбата во образованието кај влашката, српската, ромската заедница. Самите заедници кубурат со кадар, на пример да сакаме да се отвори Катедра на босански јазик нема кој да предава. Но најтешка е состојбата во културата“, додава Хоџиќ.

А надлежноста на АОПЗ меѓудругото е и во тоа, да се грижи и да ја следи реализација и унапредувањето на правата на помалубројната заедница и да врши надзор над спроведувањето на законите со кои се утврдуваат нивните права.

Токму во оваа насока, (АОПЗ) со поддршка од Европската комисија преку инструментот ТАИКС изготви предлог-измени и дополнувања на Закон за напредување и заштита на правата на припадниците на зедниците кои се помалку од 20 проценти. Законот чиј што предлагач е Министерство за правда помина на Влада и од Агенцијата се надеваат дека ќе биде донесен во Собрание пред тоа да биде распуштено.

На помалите заедници не им оди во прилог ниту одложувањето на пописот бидејќи според директорот на АОПЗ, Илхан Рахман заедниците располагаат со бројки од пописот во 2002 година и оттука имаат недостаток на релевантни бројки кои ќе им помогнат да креираат политики.

Тие спроведуваат и истражување на терен и најчесто бројките на терен и оние кои се добиваат од институциите не се совпаѓаат.

Во 2017 година АОПЗ ја обнови соработката со ОБСЕ и за прв пат беше потишан меморандум за соработка за три години.

Со помош на нив се формираше Партиципативен форум чија што мисија е унапредување на остварување на правата на заедниците преку поголемо учество на припадниците на заедниците во процесите на креирање политики и одлучување. Целта е да се зајакне соработката помеѓу органите на државната управа и заедниците, што и било случај во изминатата година кога високи претставници на власта учествувале на тие форуми.

„Буџетот на оваа Агенција е мал од 160.000 до 180.000 евра и е недоволен за оставрување на програмските цели. Од големо значење е што ја обновивме соработката со ОБСЕ кои се наши најголеми поддржувачи.Со нивна помош вршиме обуки на невладиниот сектор кој доаѓа од заедниците, а кој нема доволно капацитет да ги спроведе целите“, додаде Рахман.