Девет месеци откако беше најавен како стратешки приоритет на Владата за справување со аерозагадувањето во државата, Планот за чист воздух влезе во фаза на реализација, проследен со критики од еколошките здруженија.

Јани Макрадули, заменик министерот за животна средина задолжен од Владата за спроведување на Планот за чист воздух, вчера го презентираше сработеното: 64 милиони евра доделени на 19 македонски општини за замена на опрема на нееколошки системи за греење во домаќинства, градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти, 16 општини ќе добијат 26 милиони денари за поддржани проекти за енергетската ефикасност, 11 милиони денари за урбано зеленило, средства за пречистувачи за 34 училишта, како и филтри за помали фабрики во полошкиот регион. Макрадули информираше и дека Владата пренаменила средства од буџетот за реализација на Планот за чист воздух за гасификација на болницата во Струмица.

По презентацијата на сработеното вчера од страна на  Макрадули, најжестоките критики дојдоа од „О2 Иницијативата“, од каде сметаат дека е срамно што до сега не е сработено речиси ништо значајно од планираните активности онака како што беа најавени од Владата и за кои беа предвидени 2 милиони евра и побараа оставка од Макрадули како најодговорен.

– Ваков аматеризам, ваква негрижа, непрофесионалност, вакво лажење на народ со милион пресови и презентации, само терање ПР, за еден од најсериозните, најгорливите проблеми кој чини над 3,200 животи секоја година и ги полни болниците, има само еден одговор, кој нема да го исполните, зошто сте неодговорни и несовесни, ваша неотповиклива оставка – категорични се од О2.

Во писмената реакција на О2 се потсетува дека до септември годинава требало да биде завршено и место тоа Владата пренаменила средства од ионака минималните €2 милиони предвидени за намалување на аерозагадувањето за гасификација на болниците во Струмица, Куманово и Гинеколошката клиника во Чаир, потсетувајќи дека министерот за здравство Венко Филипче ветил тоа да биде сторено со пари кои не се дел од буџетот за Планот за чист воздух.

– Сметаме дека Планот за чист воздух е само буџетски план, но не и стратегија за решавање на проблемот со аерозагадувањето. Во старт не можевме да се согласиме со амбициозно поставените цели за намалување на загадувањето за цели 50 проценти, сметаме дека е прекратко времето кое е зададено за да се види какви ефекти можат да имаат предвидените мерки. За да се оформи стратегија е потребно подолгорочно и попрецизно мониторирање на состојбата со загадувањето на воздухот што сега не се прави – вели Ана Чоловиќ Лешовска од „Еко свест“.

За Аријанит Џафери од „Еко Герила“ од Тетово некои од мерките се добри и ќе придонесат кон подобрување на квалитетот на воздухот, а некои пак се само козметички.

Тој ја поздрави одлуката на Владата да биде прифатена нивната иницијатива за поставување филтри на фабриките за производство на мебел во Полошкиот регион.

– Со ова се решава проблемот во самиот извор на загадувањето – вели Џафери потсетувајќи дека овие фабрики согоруваат различни материјали кои им остануваат од нивното производство и загадуваат повеќе од индивидуалните домаќинства.

Џафери вели дека не треба да се заборави дека инверторите работат на струја, а во Македонија струјата се произведува во РЕК Битола, тоа значи дека ќе има уште повеќе загадување во Битолскиот регион.

– Треба многу повеќе пари за спас на животот на граѓаните на Република Северна Македонија – категоричен е Џафери.

Дека се недоволни средствата за реализирање на еден амбициозен план за намалување на аерозагадувањето за 50 проценти е согласен и Тони Никушевски од Движење за чист воздух.

– Државата годишно наплатува 160-180 милиони евра од еколошките такси, а за еден вака сериозен проблем издвојува само 2 милиона. Во справувањето со аерозагадувањето од круцијално значење е спречувањето на емисиите на самиот извор, па така би имало многукратно поголем ефект еден голем загадувач каков што е некој поголем индустриски објект да добие филтри отколку 100 домаќинства да добијат инвертери – потсетува Никушевски.