Остри реакции против планот да се изгради триметарски ѕид пред Ромското маало во Ѓорче Петров

Фото: Архива на „Мета“

Мрежата за заштита од дискриминација денеска побара од Општина Ѓорче Петров итно да се повлече од намерата за изградба на триметарски ѕид во маалото каде што живее претежно ромско население.

„По првичните реакции и протести на жителите, од надлежни лица во општината беше посочено дека станува збор за ограда која е наменета за заштита и превенција од идни сообраќајни несреќи во овој дел од општината. Сепак, јасно е дека образложението е неосновано затоа што очигледно станува збор за споредна уличка и видлива е намерата да се затвори цел дел каде што има неколку куќи коишто се наоѓаат блиску до улицата. Самата улица не важи воопшто за многу прометна и на конкретното место постои тротоар што ги оддалечува куќите од улицата“, се вели во реакцијата.

Од Мрежата посочуваат дека иако изградбата на ѕидот се оправдува со други цели, очигледно е дека станува збор за дискриминациски активности, односно изолирање на Ромите.

„Без оглед на обидите да се објаснат „безбедносните“ цели на планот за градење на спорниот ѕид, ова решение несомнено води кон сегрегација на населението во општината. Градење ѕид непосредно до живеалиштата на Ромите од Ѓорче Петров не смее да се прикажува како единствено можно решение за сообраќајна безбедност на децата и другите граѓани кои живеат во овој дел од општината. Особено е неприфатливо кога очигледни дискриминаторски практики се презентираат како добробит за локалните жители и за нивна наводна заштита од несакани последици, спротивно на волјата на жителите“, велат од Мрежата, апелирајќи да се откажат планови за изградба на ѕидот и да се изнајдат други решенија за подобрување на сообраќајната безбедност.