Европската Унија вечерва упати остра осуда за судирите меѓу косовската полиција и демонстрантите на северот на Косово. Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, се огласи преку писмена изјава во која се вели дека судирите меѓу косовската полиција и демонстрантите се иницирани од обидот на новоизбраните градоначалници да влезат во зградите на локалните самоуправи во четири општини на северот на Косово.
„Длабоко жалиме за нападот врз патролите на цивилната мисија на ЕУ на Косово, ЕУЛЕКС. На ЕУЛЕКС мора да му се дозволи мирно да го изврши својот мандат. ЕУ нема да прифати понатамошни еднострани или провокативни дејствија, а приоритет треба да биде зачувувањето на мирот и обезбедување на терен“, вели Стано.
И американскиот државен секретар Антони Блинкен попладнево ја осуди Владата на Косово и го повика премиерот Албин Курти да ги запре „насилните мерки“.
We strongly condemn the actions by the Government of Kosovo that are escalating tensions in the north and increasing instability. We call on Prime Minister @albinkurti to immediately halt these violent measures and refocus on the EU-facilitated Dialogue.
— Secretary Antony Blinken (@SecBlinken) May 26, 2023
Силно ги осудуваме дејствијата на Владата на Косово, кои ги ескалираат тензиите на северот и ја зголемуваат нестабилноста, напиша Блинкен на Твитер.
Дали ова што се случува на Косово го помага процесот во кој сите пријатели на Косово и Албанците се ангажирани во процесот на нормализација и меѓусебно признавање на Косово и Србија, праша вечерва албанскиот премиер Еди Рама, додавајќи дека „тоа секако не е така“.
„Се придружувам во повикот да не се продолжи со вакви потези, бидејќи тоа не само што е опасно, туку е сосема непотребно“, објави Рама на Твитер.
I join them in the appeal to not proceed further on this not only dangerous but completely unnecessary path today, when the democratic world has put the dialogue, normalization and mutual recognition between Kosova and Serbia at the center of attention 🇺🇸🇦🇱🇪🇺
— Edi Rama (@ediramaal) May 26, 2023
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва изјави дека на Косово немало посериозна или поголема криза од оваа во моментот. Тој ова го кажа во своето обраќање вечерашниот митинг организиран од Српската напредна партија (СНС) во Белград, кога најави и оставка од лидерското место во партијата.
„Веднаш по овој собир ќе имаме состанок на Советот за национална безбедност на кој ќе разговараме за тоа што ќе се случува на Косово“, рече Вучиќ.
По судирите на северот на Косово Вучиќ ја стави армијата на земјата во целосна борбена готовност и им нареди на армиските единици да се приближат до границата со Косово.
Новите албански градоначалници денеска добија помош од косовската полиција, откако групи локални жители во општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ со мнозинско српско население се спротивставија на нивното одење во канцелариите што претходно ги користеа српските власти.
Вчера градоначалниците дадоа заклетва во јавните објекти, како што се училиштата, од безбедносни причини, бидејќи во зградите на општината се сместени ‘привремените општински тела’ кои работат во системот на Србија.
Косовската полиција употреби солзавец и шок-бомби за да ги растера демонстрантите, кои ја нападнаа полицијата со камења и запалија неколку автомобили.
Локалните избори во четири општини на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан се одржаа на 23 април годинава. Србите, кои се мнозинство во овие општини, ги бојкотираа изборите, односно од над 45.000 граѓани со право на глас, излегоа само 1.567 гласачи или 3,47 отсто. Официјален Белград не ги призна резултатите од одржаните избори.