fbpx

Остри критики за мерките на албанската влада против дезинформациите

-

По безмалку 11 месеци жестоки критики од новинарите, здруженијата и меѓународните организации, спорните закони кои, според опонентите, негативно ќе повлијаат на работата на новинарите и на слободата на говорот во Албанија, во текот на месецов се очекува да се најдат на гласање во парламентот.

Случајот започна во декември 2018 година, кога премиерот на Албанија Еди Рама најави мерки против дезинформирањето. По неговата најава дека е време за решение за клеветите и дезинформациите беа презентирани два предлог-закони во кои се предвидуваат 11 мерки, меѓу кои и законска регистрација на он-лајн медиумите, обелоденување на нивната сопственост и на нивните извори на финансирање. За прекршителите беа најавени беа и строги казни, почнувајќи од парични, блокирање за одредено време, па сѐ до целосно затворање на онлајн-медиумот.

Најавените мерки наидоа на остри реакции од медиумската јавност, особено креирањето на систем за регистрација, конкретно за онлајн медиумите, беше критикувано како форма на „лиценцирање“ на слободата на говор, додека создавањето мониторинг систем од страна на аудиовизуелниот медиумски орган беше протолкувано како институција за цензура.

Медиумските организации ги сметаа овие предлог-закони како неуставни и штетни за слободата на изразување.

Во декември лани, седум меѓународни организации за слобода на медиуми ја повикаа Владата да ги повлече предлог-законите, сметајќи ги за досега невидени на европскиот континент.

„Организациите веруваат дека двата предлог-закони, во форма и во дух, се во спротивност со Уставот на Република Албанија и со европското право. Тие претставуваат целосно непотребно ограничување на слободата на изразување и слободата на медиумите и содржат ризик од создавање полициски режим кон он-лајн медиумите“, се вели во писмото потпишано од Европската федерација на новинари, Европскиот центар за медиуми и слобода на печатот, ПЕН Интернешeнeл и Репортери без граници.

Александар Чипа, слободен аналитичар во Тирана и претседател на Унијата на албанските новинари, кој ја потпиша изјавата на десетина медиумски организации против пакетот закони дополнително посочи на фактот дека законите не се изготвени во консултација со засегнатите:

– Двата предлог-закони, со кои се менуваат сегашните закони, не беа подготвени во консултација/дискусија со засегнатите страни. Агенциите за применување на овие закони се јавни, административни институции кои се избрани од страна на политиката и не можат да станат гаранти на слободата на интернет медиумите. Казните не се пуштаат од страна на новинарите и уредниците на Интернет – со што се креираат сите предуслови за цензура и автоцензура – вели Чипа.

За предлог-законите, реакции и анализи имаше и од Мисијата на ОБСЕ во Албанија.

“Идниот закон треба да ги почитува меѓународните стандарди и обврските за слобода на изразување и да не влијае негативно на слободата на медиумите во земјата”, порачаа од организацијата.

Сепак, на 3 јули 2019 година албанската Влада со неколку интервенции ги усвои овие предлог-закони и тие би требало да се најдат пред албанскиот Парламент во текот на овој месец (октомври).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Мирно и без проблеми тече гласачкиот процес, 4 отсто излезност до 9 часот

Мирно и празно, невообичаено за изборен ден. Вака беше денеска во основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ во општина Чаир. Екипа на Мета беше во ова училиште околу 10...