Остануваат уште пет дена за пријава: Обука за визуелизации на податоци за млади

Остануваат уште пет дена до крајниот рок (09.01.2023 г.) за апликација за учество во обука за Новинарство засновано на податоци и визуелизации на податоци преку која двајцата најдобри учесници ќе имаат можност да заминат на еднонеделна посета во САД.

Обучувач ќе биде еминентниот новинар на „Њујорк тајмс“, Роберт Гебелоф, кој воедно предава дата новинарство на Факултетот за новинарство при Универзитетот Колумбија во Њујорк.

Роберт е добитник на наградата „Џорџ Полк“ за 2015 година, а беше и финалист на Пулицеровата награда за 2015, како и за 2016 година за проектни теми поврзани со Американскиот правен систем. Тој работи за „Њујорк тајмс“ од 2008 година. Покрај Гебелоф, обучувачи ќе бидат и Горан Ризаов и Бојан Блажевски, уредници во Новинската агенција Мета.

За обуката може да аплицираат сите млади луѓе на возраст до 29 години кои потекнуваат од Скопскиот и од Полошкиот регион, преку пополнување на формуларот на следниот линк: https://icfj.tfaforms.net/4995004.

Обуката ќе се одржи од 8 до 10 февруари во Скопје, и ќе се одвива на англиски јазик.

Оваа обука е дел од програмата „Новинарство за новата генерација: Програма за медиумска обука“ на Фондација Метаморфозис во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), а со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.

Преку работилници, практиканства и студиска посета на САД, програмата ќе им обезбеди на младите неопходни вештини за висококвалитетно известување со користење податоци и потврдени факти, ќе ги запознае со примената на економични дигитални алатки или алатки со отворен код во нивната работа и ќе ги поврзе со колеги со слични размислувања за размена во врска со заедничките проблеми и потенцијалните решенија.