Остануваат уште шест дена до крајниот рок (08.11.2024 г.) за апликација за учество на обука за дата новинарство и визуелизации на податоци преку која најдобрите учесници ќе имаат можност да заминат на еднонеделна посета на САД.
Обучувач ќе биде еминентниот новинар на „Њујорк тајмс“, Роберт Гебелоф, кој воедно предава дата новинарство на Факултетот за новинарство при Универзитетот Колумбија во Њујорк.
Роберт е добитник на наградата „Џорџ Полк“ за 2015 година, а беше и финалист на Пулицеровата награда за 2015, како и за 2016 година за проектни теми поврзани со Американскиот правен систем. Тој работи за „Њујорк тајмс“ од 2008 година. Покрај Гебелоф, обучувачи ќе биде и Горан Ризаов, уредник во Новинската агенција Мета.
За обуката може да аплицираат сите млади луѓе на возраст од 18 до 29 години преку пополнување на формуларот на следниот линк: https://icfj.tfaforms.net/4995004. Имајте предвид дека за да поднесете апликација ќе треба да креирате сметка на платформата Submittable. Целата процедура трае 1 до 2 минути. Понатаму, платформата Submittable може да се користи и за поднесување апликации за други можности кои ги нуди Меѓународниот центар за новинари (ICFJ).
Обуката ќе се одржи од 13 до 15 ноември во Скопје, и ќе се одвива на англиски јазик. Сите трошоци за оваа обука, вклучувајќи го транспортот до местото на одржување, сместувањето во хотел, како и три оброци дневно, ги обезбедува организаторот Фондација Метаморфозис.
Оваа обука е дел од програмата „Новинарство за новата генерација: Програма за медиумска обука“ на Фондација Метаморфозис во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), а со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.
Учесниците ќе научат за целокупниот процес на работа со податоци, од пронаоѓање, симнување, чистење, анализа и визуелен приказ. Ќе научат како да користат напредни алатки за овие намени кои се бесплатни за користење. Меѓу другото, на работилницата ќе бидат прикажани основите на софтверот за визуелизации на податоци – R. Бројот на учесници е ограничен, а сите заинтересирани за учество на оваа работилница можат да аплицираат на следниот линк.
Можности за младите: Обука за визуелизации на податоци, платено практикантство и посета на САД