Македонија има доминантно женски јавен сектор, покажуваат податоците од регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Повеќе од половина од вработените во јавниот сектор се жени, но, во овие анализи на извештаите од регистарот на вработените во јавниот сектор не влегуваат вработените во АРМ, полицијата и Агенцијата за разузнавање. За нив, во регистарот стои само број на вработени. Регистарот на вработени во јавниот сектор нема податоци ниту за избраните и именуваните лица, вработени на државните акционерски друштва и лицата ангажирани преку агенции за привремени вработувања.

Повеќе од половина, односно 54 отсто, од вработените во јавниот сектор се жени, велат споменатите податоци на МИОА. Сепак, во регистарот не се вклучени статистички податоци за тоа на колку од раководните позиции во јавниот сектор се поставени жени.

„Генерално, жените се позастапени во речиси сите видови на институции. Сепак, треба да се има предвид дека од вкупната бројка на вработени во јавен сектор која се анализира по структура, изземени се Армијата на Република Македонија, овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи и органите во состав на министерството, како и Агенцијата за разузнавање во кои мажите се позастапени“, стои во последниот извештај на МИОА.

Институција со процентуално најмногу жени во својот административен дел е Уставниот суд, каде повеќе од 90 отсто од вработените во службите се дами. Најмалку застапени се жените во институциите во дејноста транспорт и во јавните претпријатија, каде повеќе од 88, односно 83 отсто од вработените се мажи.

По дејности, жените се најзастапени во институциите од секторот труд и социјални работи, следи здравството и образованието. Најмалку жени има во секторот комунални работи.

Застапеноста на жените се зголемува во поновите генерации во јавниот сектор. Жените се за половина побројни од мажите во возрасната група до 25 години, за една третина во групите до 35 и до 45 години, и за 17 отсто во групата до 55 години. Мажите се позастапени во возрасната група 56-64 години, а вработените во јавниот сектор постари од 64 години, поради условите за пензионирање, се 70 отсто мажи.

Според податоците на МИОА, во 2016 година во земјава имало 22 институции, со мал број вработени, во кои работеле само жени. Од друга страна, во 27 институции во јавниот сектор работеле само мажи. Двете групи институции вработувале мал број службеници.