Министерството за внатрешни работи во соработка со хрватската полиција ја завршило екстрадицијата на Р.С. (40), еден од осомничените во случајот „Чекан“, а кој се товари за кривичните дела злосторничко здружување, изнуда, лихварство и за перење пари.
Како што информираат од МВР, Р.С. на 10 јануари оваа година, бил уапсен на граничниот премин Бајаково, по распишана меѓународна потерница од Интерпол, по што бил спроведен во есктрадиционен притвор во Хрватска.
„По завршувањето на екстрадиционата постапка, пријавениот беше преземен на Аеродромот во Загреб и спроведен во затворот „Скопје“ по претходно одредена мерка притвор во траење од 30 дена“, стои во соопштението од МВР.
Оттаму додаваат дека против осомничениот досега биле поднесени десетина кривични пријави од областа на имотните деликти, а во 2004 година бил осомничен за кривичните дела изнуда и прикривање.
Акцијата „Чекан“ беше спроведена на почетокот од декември минатата година, а во која беше разбиена криминална група која на подрачјето на Гостивар дејствувала од 2008 година.
https://www.youtube.com/watch?v=dL2sDZ4BzAw