fbpx

Осоговските планини – првиот заштитен предел во државата

-

Осоговските планини со одлука на Владата се на чекор до прогласување за заштитен предел, што според важечкиот Закон за заштита на природата е петти од шесте предвидени степени на заштита на природните предели во земјава.

Во следните месеци треба да се спроведат јавни расправи за предлогот со локалното население и со другите засегнати страни. По усогласувањето на мислењата и забелешките, од страна на МЖСПП треба да биде изготвен конечен предлог за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитен предел. По неговото усвојување од страна на владата, ова подрачје ќе биде прво од категоријата „заштитен предел“ во државата.

Во членот 84 од Законот за заштита на природата стои дека „Заштитен предел е подрачје каде што интеракцијата на луѓето со природата во текот на времето создала предел со значителни еколошки, биолошки, културни и други вредности, географски особености и има рекреативно, историско и научно значење“ и дека заштитата ќе треба да ги зачува најзначајните особини на пределот произлезени од неговата природна конфигурација и од типот на човековата активност.

За разлика од повисоките степени на заштита, заштитата од петта категорија предвидува интеракција на природата и луѓето, продолжување на традиционалниот начин за користење на земјиштето, градба и општествени и културни манифестации, туристичко-­рекреативни активности, како и воспитно­образовни и научно­истражувачки активности согласно сo степенот на заштита.

Ставањето на Осоговските планини под заштита на државата денес го поздрави и Македонското Еколошко друштво кое потсети дека процесот за ставање на Осоговијата под законска заштита почнал во 2006 година кога МЕД и Бугарската фондација за биодиверзитет, партнерски, секој од својата страна на Осоговските Планини, со поддршка на Франкфуртското зоолошко друштво, а подоцна и фондацијата Про-натура од Швајцарија подготвувале нивна заштита. Министерствата за животна средина од двете држави  уште во 2000 година го идентификуваа како приоритетно подрачје за прекугранична заштита.

Од МЕД потсетуваат дека уште 2012 година била изработена „Студија за валоризација со предлог за формирање на заштитен предел на Осоговските Планини“ и беа организирани и две јавни расправи во февруари 2013, појаснувајќи дека процесот тука застанал, генерално „поради немање на политичка волја истиот да се спроведе и заради економските приоритети на државата“.

Во рамки на оваа Програмата за зачувување на природата беше направена анализата на состојбата со природните вредности во Источниот плански регион, која покажа дека во овој дел од земјата има мал број на заштитени подрачја односно само 70 хектари или 0,03 % од територијата на државата, наспроти евидентираните значајни природни вредности, се вели во соопштението.

Од МЕД сметаат дека локалното население ќе има и директни и индиректни придобивки од заштитата, преку брендирање на нивните локални производи како боровинки, печурки, производи од земјоделството и сточарството и алтернативна туристичка понуда. „Очекуваме зачувување на толку карактеристичниот „Осоговски предел“, настанат како уникатен спој на природата со луѓето“, стои во соопштението на Македонското еколошко друштво. Оттаму појаснуваат дека статусот на заштитен предел за Осоговските планини треба да значи и подобрено користење и управување на шумите и дивечот, зголемување на површините на значајните живеалишта и бројноста на значајните диви видови животни и растенија, намалување на криволовот, рибокрадството и дрвокрадството.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деградиран рускиот свештеник што ја водеше комеморацијата на Навални

Рускиот свештеник кој ја предводеше комеморацијата на опозицискиот лидер Алексеј Навални е деградиран од водечките црковни служби и му е наредено да отслужи тригодишно „покајание“, пренесе Гардијан. Свештеникот Дмитриј Сафронов...