Основците од „Ј.Х.Песталоци“ денеска во посета на Центарот за селекција на отпадот во Карпош

Фото: ООУ „Ј.Х. Песталоци“

Триесетина ученици од четвртите одделенија од основното училиште „Јохан Хајнрих-Песталоци“ од скопската општина Центар во текот на денешниот ден го посетија Центарот за селекција на отпадот во Карпош.

Во униформи, при посетата учениците беа придружени од службите на Јавното претпријатие Комунална хигиена од Скопје.

„Стручните служби на ЈП Комунална хигиена-Скопје ги запознаа учениците со работата и активностите на Претпријатието и преку забавни и едукативни игри ги едуцираа како правилно и совесно да постапуваат со отпадот, на кој начин се врши неговата примарна селекција и како се одвива процесот на балирање во Центарот за селекција на отпадот“, истакнуваат од раководното тело на училиштето.

„ЈП Комунална хигиена-Скопје ќе продолжи да ги реализира своите едукативни активности во чиишто рамки се организираат еко-предавања и работилници во скопските основни и средни училишта, како и во предучилишните установи. Примарната цел на овие активности е развивањето еколошка свест кај најмладите за нивната улога во одржувањето на здрава и чиста животна средина“, изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Зухди Енуз.