Основци селектираа и реупотребуваа отпад

Фото: Унија на асоцијации во креативни индустрии

Унијата на македонски асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје, со поддршка од Делегацијата на Европската Унија и Министерството за култура организираше работилници за заштита на животната средина и соларна проекција на филм во Скопје и Гостивар, кои ги проследија над 100 основци. Во соработка со Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар, завчера беше организирана работилница за намалување, реупотреба и селекција на отпад и проекција на филмот за деца „Патешествието на принцот“.

На најмладите им беше презентирана еко-иновацијата мобилна станица за селектирање отпад, со што тие визуелно и практично научија зошто е важно правилното управување на отпад во насока на заштита на животната средина. Децата од дома носеа предмети што тие мислат дека можат да се рециклираат или пак не им требаат (пластика, хартија, стакло, батерии, текстил, метал).

Работилница за селекција на отпад и соларна проекција на филмот „Патешествието на принцот“ се одржа и вчера од 12 часот во Кинотеката на Северна Македонија во Скопје. Работилниците се одржаа во соработка со здружението „Гоу Грин“ од Скопје. Настаните се дел од проектот „Видео игротека“ чија цел е да се промовира етички однос кон животната средина, а видео игрите и филмот треба да послужат како алатки за подигање на свеста кај младите.

Идејата е преку видео игрите и филмот кои им се ним блиски како концепт и разбирливи да им се презентира и да се актуализира и дебатира животната средина, нејзината заштита и зачувување како една од најактуелните теми на денешницата.

Проектот понатаму продолжува во другите градови низ државата каде до 13 јуни ќе се одржуваат работилници за игри во виртуелна реалност и работилници за изработка на видео игри, како и проекции на филмови. Идејата е децата да се запознааат со концептите поврзани со дизајнирање на видео игри на забавен и лесно разбирлив начин. Работилниците ќе се одржат во просториите на Домовите на културата и училиштата, а ќе присуствуваат најталентираните ученици кои покажуваат интерес за оваа област.