Владата ја основаше Јавната установа која ќе управува и ќе го штити Националниот парк Шар Планина. Оваа институција ќе треба да го спроведува Планот за управување со паркот, што е последниот голем чекор за обезбедување на целосна и вистинска заштита на природните богатства на овој регион.
Дел од Шар Планина беше прогласена за национален парк на почетокот на овој месец откако Собранието го изгласа Законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II. Со тоа земјава го доби четвртиот национален парк, покрај Маврово, Галичица и Пелистер, и прв што е прогласен по независноста на државата.
Со Шар Планина се заокружи регионот под заштита што се протега во три држави и зафаќа прекугранично заштитено подрачје со вкупна површина од 244.617 хектари. Во Косово постои национален парк од 1986 година, а во Албанија постои заштитено подрачје Кораби во категоријата парк на природа од 2011 година. На тие подрачја се надоврзува и националниот парк Маврово и новопрогласениот Шар Планина, со што целиот простор со извонредни биолошки и естетски вредности добива интегрална заштита.
Планот за управување на Шара треба да биде донесен во рок од една година и со него ќе се утврдат сите дозволени и забранети активности. Домашни и меѓународни експерти, со поддршка од Меѓународната унија за заштита на природата IUCN, преку Програмата за заштита на природата на Обединетите Нации, веќе работат на терен, со локалното население и со економските субјекти, со цел изнаоѓање на најдоброто решение и подготвување на текстот на Планот. Процесот на донесување на овој документ предвидува одржување и јавни расправи, на кои ќе може да се слушне и мислењето на јавноста врзано со одлуките за заштита и управување со Шара.
Од Владата информираат дека со донесувањето на Одлуката за основање на Јавна Установа за управување и заштита на Националниот парк Шар Планина ќе се воспостави режим на заштита на Шара и ќе се преземат мерки за заштита на утврдените зони во националниот парк.
Министерот за животна средина Насер Нуредини неодамна најави дека искусни ренџери ќе го чуваат Националниот парк Шар Планина и ќе се грижат за заштита на природните богатства и живиот свет.
Меѓу најважните аспекти за заштита на подрачјето е и запирањето на градбите на мали хидроцентрали и решавањето на проблемот со дивоградбите, но и на илегалната сеча, криволовот, пробивање нови патишта, пренамена на земјиште и други. Нуредини најави дека во тек се преговори со концесионерите на хидроцентралите во кои ќе се прават напори тие да се откажат од изградбата на енергетските објекти, како и дека дивоградбите во заштитениот предел остануваат нелегални.
Новата Јавна установа ќе има обврска да ги стопира и контролира овие процеси, а од друга страна да го едуцира населението и да промовира позитивни и одржливи начини за развој на регионот. Во рамките на новиот парк влегуваат 30 села со нешто повеќе од 26.000 жители, кои ќе можат да развиваат рурален еко туризам, традиционални начини на подготовка на храна, да креираат брендови од локална храна, да отворат угостителски објекти или да одгледуваат земјоделски производи, сето тоа во рамките на зачувувањето на природните вредности на Шара.