Бионтек
Озлем Туречи и Угур Сахин / фото: WIkimedia Commons

Во интервју за германскиот неделник „Шпигел“, основачите на „Бионтек“ (BioNTech), компанијата која заедно со „Фајзер“ (Pfizer) ја разви првата вакцина против ковид-19 во светот, зборуваат за нивниот успех, за производството на вакцината и идниот развој на вакцини и лекови. На чело на оваа германска компанија основана во 2008 година се Угур Сахин и Озлем Туречи, брачна двојка со турски корени. Тие и двајцата се онколози со специјализација во имунотерапија.

Нивниот кандидат за вакцина, развивана во германскиот град Мајнц, покажа 90-процентна ефективност во клиничките студии. Речиси секој човек кој учествувал во тестирањето и ја примил вакцината бил заштитен од добивање ковид-19, пишува „Шпигел“.

Годинава од оваа вакцина низ целиот свет треба да бидат дистрибуирани околу 1,3 милијарди дози, кои е предвидено да помогнат во ставањето крај на пандемијата која го зафати светот минатата година.

Сахин и Туречи во интервјуто објаснуваат дека на почетокот започнале со 20 кандидати за вакцини против ковид-19, но и покрај дводецениското искуство, сепак не знаеле дали вирусот воопшто е подложен на вакцина. Појаснуваат дека постојат други вируси во оваа класа против кои не е возможно да се развие вакцина, но дека за овој корона вирус успеале да произведат имунолошки одговор.

Запрашани за новиот сој на корона вирус кој прво беше откриен во Велика Британија и веќе започна да се шири во останатиот дел од светот, тие велат дека не се загрижени и веруваат оти нивната вакцина ќе биде ефикасна и за мутираниот тип, затоа што преку мутација, вирусот не може да се промени суштински за да стане невидлив за имунолошкиот систем.

„Дури и да има повеќе мутации, структурата на вирусниот антиген се менува за помалку од 1 процент. Ние правиме тестови за да утврдиме дали нашата вакцина може да ги неутрализира овие варијации и наскоро ќе знаеме повеќе“, вели Сахин.

Туречи додава дека во случај вирусот да претрпи значителна мутација, тие ќе можат брзо да ја прилагодат и вакцината.

„Ние можеме едноставно да ги замениме генетските информации на тековниот вирусен антиген со оние од новата, мутирана верзија. Тоа би одело прилично брзо, би биле потребни можеби шест недели. Прашањето е што би рекле регулаторните тела“, објаснува Туречи.

Брачниот пар очекува имунитетот од вакцината да трае најмалку колку што трае природно стекнатиот имунитет после инфекцијата. На прашањето на „Шпигел“ дали при најлошо сценарио ќе биде потребно луѓето да се вакцинираат три пати годишно, Туречи вели:

„Знаеме дека се зголемува имунолошкиот одговор со втората доза. Тоа значи дека може да се постигне уште поголем ефект со третата инјекција, можеби една година подоцна. На крајот на краиштата, сето ова е хардкор наука. Податоците ќе ни покажат што мора да се направи“, вели Туречи.

Германската двојка се осврнува и на начинот на транспорт и складирање на вакцината. Засега е познато дека вакцината на „Фајзер/Бионтек“ треба да се чува на температура од -70 степени целзиусови.

„Ситуацијата ќе остане непроменета во наредните три месеци, но потоа најверојатно ќе можеме да ги подобриме нејзините спецификации за транспорт и складирање. Нашата рафинирана генерација на вакцини, која ќе биде стабилна на многу повисоки температури, може да биде достапна до крајот на летото“, тврди Туречи.

На забелешката на новинарот дека САД има резервирано двојно повеќе дози од вакцината отколку Европската Унија, Сахин вели дека процесот на одобрување за вакцината во Европа не се одвивал толку брзо и директно како и во другиот дел во светот.

„Делумно, ова е поради тоа што Европската Унија не е директно овластена, туку земјите членки исто имаат право на збор. Ова може да резултира во загуба на време во преговарачка ситуација кога е потребна силна порака“, вели Сахин.

BioNTech
„Бионтек“ во Мајн / фото: WIkimedia Commons

Во однос на капацитетот на производство на вакцината, тие објаснуваат дека се обидуваат да најдат нови партнери за соработка кои ќе можат да ја произведуваат вакцината за нив. Додаваат и дека до февруари може да биде подготвена нивната нова производна локација во Марбург, која може да произведе до 250 милиони дози во првата половина од годината.

„Моменталната ситуација не изгледа розова. Постои јаз затоа што недостасуваат дополнително одобрени вакцини и ние треба да ја пополниме оваа празнина со нашата вакцина. Затоа во моментов работиме со „Фајзер“ на тоа дали и како можеме да го зголемиме производството“, вели Сахин.

Сахин и Туречи велат дека се гледаат себеси како глобална компанија и ќе ја направат нивната вакцина достапна за целиот свет и дека Германија нема да добие специјална распределба на вакцината.

„Вакцината сега е одобрена за користење во 50 земји и ние сакаме и мораме да ја испорачаме. Ако 500.000 дози се наменети за една земја во развој, тогаш тие дози мора да стигнат таму. Важно е старите лица и медицинските работници да можат да се вакцинираат во што повеќе земји“, велат тие.

Во интервјуто брачната двојка вели дека она што е научено за пандемиската вакцина може да се примени и кај други лекови и болести. Додаваат дека е потребна фундаментална дискусија за тоа како да се модернизираат децениски старите рутини за развој на лекови.

„Како што видовме, развојот на лекови може да се одвива многу брзо“, вели Туречи.

Интервјуто завршува со оптимистички сценарија за развојот на лек за ракот. Во моментов во „Бионтек“ се развиваат околу 20 потенцијални лекови за различни болести, а повеќето од нив за третман на карцином. Сахин и Туричи гледаат реална шанса да успеат во суштинско менување на начинот на лекување на ракот. Прашани за тоа кога може да биде одобрен првиот лек од овој тип, тие велат:

„Имаме неколку производи во развој и се наближуваат големи студии за ефикасност за некои од нив. Со други зборови – веруваме дека тоа може да биде 2023/24 година“.