Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик.
Тој незаконски поставил вршител на должност – директор во основно училиште. Имено, Законот за основно образование предвидува дека в.д. директор се избира од редот на вработените во училиштето кои ги исполнуваат условите за директор, а Мерко на 12 јануари 2022 година за вршител на функцијата во училиштето во с. Радолишта именувал лице кое не ги исполнувало таквите услови, односно немало работно искуство од најмалку пет години во воспитно-образовна работа.
„Именуваната ја вршела функцијата директор на училиштето во периодот од 12.01.2022 до 31.07.2023 година, за кој период и биле исплатени плата и придонеси како в.д. директор со што му била нанесена штета на училиштето“, соопшти обвинителството.
Ова е осмото обвинение против Мерко.