Во свечената сала „Купола“ во Собранието на Република Северна Македонија денеска се одржа Осмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК), посветена на регионалните предизвици и реформските процеси на патот кон ЕУ.

Темата на конференцијата беше „Реформи од другата страна на реториката: Регионални предизвици на патот кон Европската Унија“ со акцент врз новиот План за раст за Западен Балкан, кој носи сериозни обврски.

Конференцијата ја отворија претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Националниот совет за европска интеграција, Венко Филипче, заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски, како и амбасадорките на Словачка, Ивета Хрицова и на Кралството
Холандија, Узлем Џанел.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во своето обраќање нагласи дека европската агенда мора да биде државен приоритет, а реформите не смеат да зависат од дневната политика.

„Ве уверувам дека стратегискиот интерес на Македонија е дефинитивно насочен кон ЕУ“, изјави тој и додаде дека вклучувањето на невладиниот сектор е клучен на тој пат.

„Интеграцијата не се мери по брзината на постапките, туку по довербата на граѓаните во институциите“, потенцираше Гаши. И другите говорници ја истакнале потребата од реални, мерливи реформи, регионална поврзаност и практична примена на европските стандарди.

Во тој контекст, претседателот на Националниот совет за европска интеграција, Венко Филипче, рече дека Планот за раст на ЕУ не смее да остане пропуштена шанса.

„Јасно е дека единствениот пат напред се европските интеграции. Евидентна е волјата на ЕУ за проширување и доколку не ги забрзаме реформите, регионот ќе оди напред без нас. Во извештајот на ЕУ јасно е констатирано дека реформи нема, особено во правосудството. Но, ако вака продолжиме, не сум сигурен дека ЕУ нема повторно да не врати на ниво на скрининг“, поентираше Филипче, повикувајќи да преминеме од декларации кон резултати што ќе ја вратат довербата на граѓаните.

Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски, рече дека Националната конвенција е од голема помош на патот кон ЕУ, затоа што дава можност за дебата на повеќе нивоа, особено на полето на суштинските реформи кои произлегуваат од европската агенда. „Реформите мора да продолжат, ако не сакаме да се втурнеме во ќор-сокак“, рече тој.

На конференцијата учествуваа и пратеници, амбасадори, високи претставници на министерствата, судии, обвинители, адвокати, експерти од правосудството, како и претставници на институции и организации од Словачка, Србија и Албанија, академската заедница, граѓанскиот сектор и членовите на работните групи на НКЕУ-МК.

Конференцијата беше поделена во три панел-дискусии, преку кои се отворија три клучни прашања за засилување на довербата и солидарноста во европските интеграции, за владеење на правото надвор од политичката реторика, како и за економските реформи, конвергенцијата и регионалната поврзаност на земјите од Западен Балкан.