Извор на фотографија: Министерство за надворешни работи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамките на работната посета на Шпанија, оствари средба со министерката за надворешни работи, Европска унија и за соработка на Кралството Шпанија Аранча Гонзалес Лаја.

„Убаво е да се биде во Мадрид токму на годишнината од ратификацијата во шпанскиот Сенат на протоколот за нашето членство во НАТО, и тоа во далеку построги, потешки и навистина – едвај изводливи мерки на ограничена работа. Со тоа се заокружи ратификацијата на протоколот од сите 29 земји членки, по што Република Северна Македонија стана 30-та членка на Алијансата. Дозволете да бидам нескромен: со ваквиот чин, со вонсерискиот напор што го направивте во рамките на шпанскиот сенат, воведувајќи преседан за прв пат да се гласа преку видео конференција, Вашата земја секогаш ќе има посебно место за нашите граѓани, и вие можете да сметате на Република Северна Македонија како не земја која ви е близок пријател“, истакна Османи, пренесувајќи ги пораките на благодарност во името на Владата и на земјата.

Османи рече дека следната недела за прв пат Северна Македонија ќе учествува со физичко присуство на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, и тоа како полноправни членки и блиски НАТО сојузници.

На средбата меѓу двајцата министри беа отворени и темите поврзани со европските интеграции на Република Северна Македонија, како и последните актуелности од регионален аспект.

„Нашето сојузништво во Европската Унија е исто така соочено со сериозни предизвици, каде се потребни одговорни и правилни одлуки. Една од тие е и одлуката од март минатата година, со која 27 земји – членки дадоа зелено светло за почеток на преговорите со Северна Македонија“, истакна Османи, потенцирајќи ја важноста од имплементацијата на оваа одлука, како за земјава, така и за целиот регион. 

На средбата беше поздравен и напредокот во рамките на конференцијата за Иднината на Европа, при што Османи ја истакна потребата од поголемо и повидливо вклучување во оваа суштинска дебата и на земјите од Западниот Балкан.

Средбата беше искористена и за потпишување Меморандум за разбирање меѓу Министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Кралството Шпанија за меѓусебна соработка на дипломатските школи и едукацијата, што претставува уште еден дополнителен чекор за унапредување на меѓусебната соработка.