Извор на фотографија: МНР

Министрите за надворешни работи на НАТО денеска го започнаа дводневниот состанок во Брисел. По пауза од една година, ова е прв Министерски состанок на НАТО што се одржа со физичко присуство. Во рамките на денешното учество на Министерскиот состанок на НАТО, министерот за надворешни работи Бујар Османи испрати пораки за првото присуство на Република Северна Македонија, на масата на Алијансата како полноправна членка.

„Да се биде рамноправен со 30-те најмоќни во светот не е само лична сатисфакција, туку гордост за сите наши граѓани. Не е тоа само симболична разлика туку суштина на нашиот напредок како држава: наместо како досега, кога за нашите прашања се разговараше на состаноци на кои информациите ги дознававме од нашите колеги, сега сме присутни на масата, директно да учествуваме и да го претставиме нашиот став за сѐ она што се случува во светот “, истакна Османи, упатувајќи и на првиот јубилеј, првата годишнина од нашето членство во НАТО на 27 март.

Министерот Османи истакна дека со членството во НАТО не само што се смени нашата улога на меѓународната политичка и безбедносна арена, туку и суштински се засили улогата на Алијансата во целиот регион. Тој ја посочи подготвеноста на земјава кадровски, технички и политички да одговори на предизвиците на членството во Алијансата.

„Мотото ‘Ние сме НАТО’, не е веќе само обична парола, ова е реалност и ние сме навистина НАТО. Бидете горди, во овие моменти ја исцртуваме нашата идна историја, го остваруваме сонот на голем број генерации пред нас, создавајќи безбедна, стабилна и просперитетна иднина за генерациите после нас“, изјави Османи.

Инаку, на Министерскиот состанок на НАТО денеска и утре во Брисел ќе се дискутира за прашања од приоритетен интерес за НАТО, како што се состојбите во Авганистан, влијанието на глобалните геостратешки односи врз безбедноста на евро-атлантската област, како и пошироката регионална стабилност, соопштија Министерството за надворешни работи.

Министерот Османи на маргините на состанокот е предвидено да има и неколку билатерални средби со министри за надворешни работи на земји-членки на НАТО и партнери.