фото: Министерство за надворешни работи (МНР)

Бевме сведоци на еден интензивен и динамичен период со многу случувања во надворешната политика на сите нивоа, од глобални, преку европски, до регионални, а посебно на домашни случувања кои никого не оставија рамнодушен, но сепак беа историски одлуки што даваат одредени насоки на движење на надворешната политика, но и на државата и општеството во целина. Ова го истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на прес-конференција на која даде отчет за сработеното во текот на неговиот двегодишен мандат како министер.

Османи се осврна на петте приоритети за време на неговиот мандат како прв човек на надворешната политика – добрососедските односи, Европската Унија (ЕУ), партнерството со САД, мултилатералната проактивност и економската дипломатија.

Османи подвлече дека односите со Бугарија биле најголемиот предизвик на неговиот мандат и дека во текот на овие две години, преку бројни активности и преговори, државата успеала да постигне неколку клучни резултати кои се особено важни за одржување на односите со Република Бугарија.

Тој истака дека Бугарија ја поништи „озлогласената“ рамковна позиција во однос на европските перспективи на земјава, по што следуваше поништување и на Декларацијата на бугарското Собрание која беше основата за ветото што Бугарија го постави кон Македонија.

„Дојдовме до ситуација Владата на Република Бугарија да ја поништи озлогласената рамковна позиција на Бугарија во однос на европските перспективи на Република Северна Македонија, која беше озлогласена не само по однос на тонот и навредливоста кон важните вредности за нас, туку имаше и одредени цели, односно намери во тој процес, а тоа е македонскиот јазик во ниту една ситуација и контекст да биде дел од преговарачката рамка и, второ, да има 35. поглавје со историските прашња како одредници за отворање и затворање поглавја, односно за прогрес во пристапниот процес“, рече Османи.

Тој додаде дека после две и пол години блокада се одржала втората Меѓувладина седница со Бугарија, обврска која произлегува од Договорот за добрососедство и се потпишал записникот од средбата, популарно познат како Протокол, што потоа го овозможи и „францускиот предлог“. За овој предлог, Османи рече дека претставувал надоградување на претходните обиди на три претходни претседателства, вклучувајќи ја и Европската комисија.

„Тоа што сум убеден е дека направивме добра и стратешка одлука за која што времето ќе покаже дека тоа било така и успеавме во последен миг да ја извлечеме државата од балканскиот вртлог и да ја лансираме во еден неповратен пат на европеизација, стабилизација и зголемување на стандардот на граѓаните“, рече Османи.

Османи истакна дека државата постигнала преговарачка рамка која што ја усвоија 27 земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, при што македонскиот јазик е без никакви додавки, квалификации или фусноти, со што конечно се заокружува прашањето на меѓународното етаблирање на јазикот така како што сакаат граѓаните.

Во однос на процесот за пристапување кон ЕУ, Османи додаде и дека е постигнато одржување на чист процес преку невнесување на историските прашања како одредници за пристап, имајќи ги предвид бугарските барања тие да бидат дел од патоказите.

Османи се осврна и на, како што ја нарече, безусловната прва Меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ.

„Тука сакам да ги демантирам сите шпекуалции и дилеми дали има или нема почеток на преговори, бидејќи на 19 јули, после 6.361 ден поминати со кандидатски статус, 17 години, Северна Македонија ги почна преговорите со ЕУ, со започнување на скринингот кој што почнува за две недели. Скринингот е еден од најсуштинските елементи на преговорите, бидејќи ги утврдува патоказите“, истакна Османи и додаде дека во овој процес Бугарија доби условена втора Меѓувладина конференција пред отворање на Поглавјето 23 со уставните измени за внесување на помалите заедници во Преамбулата.

Османи се осврна на односите и со другите соседи и истакна дека одличните односи со Грција биле продлабочени и интензивирани, додека со Србија било решено историското прашање со црквата. Со Албанија, рече Османи, почнавме преговори заедно, додека со Косово имавме заедничка меѓувладина седница и потпишавме над 40 билатерални договори.

Во однос на односите со САД, Османи истакна дека на 2 јуни во Вашингтон, на средба со Блинкен, Северна Македонија стана прва земја во регионот што отвори стратешки дијалог со САД, што било признание на правецот кој што го има државата, но и нов квалитет во односите со САД.

„Веќе се гледаат резултатите од тој стратешки дијалог, имаше нови средства од Стејт Департментот за владеење на право, нови средства за културната и одбранбената соработка. Стратешкиот план се претвора и во Акциски план кој што набрзо, се надевам, ќе го презентираме“, рече Османи.

Тој улогата на Северна Македонија во НАТО ја оцени како исклучително проактивна и потсети дека во услови на руска агресија во Украина, државата ја усогласи надворешната политика со таа на ЕУ.

Круна на мултилатералната проактивност, истакна Османи, е нашето претседавање со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација.

Во однос на економската дипломатија, Османи рече дека фокус на МНР било привлекувањето на странски инвестиции, изнаоѓањето нови пазари за нашите произведители, но и привлекувањето на туристи.

„Продолжуваме понатаму со тие активности, како и со модернизацијата на дипломатската служба во смисла на пополнување на кадрите на позициите кои со години беа празни. Се надевам дека Собранието, односно Комисијата за надворешна политика ќе смогне сили за да не го блокира тој процес, за првпат да имаме ситуација сите дипломатско-конзуларни претставништва да имаат амбасадор или конзул“, рече Османи.