Бујар Османи на средба во Братислава со МНР на Словенија, Анже Логар. Фото: МНР на РСМ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на маргините на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2021“ во Братислава се сретнал со министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар, соопшти македонското МНР.

Теми на средбата биле поврзани со европската агенда на Северна Македонија, тековните дискусии за преговарачката рамка за земјата, како и за нашите очекувањата за одржување на првата Меѓувладина конференција во рамките на протугалското претседателство со Советот на ЕУ. Исто така, поради фактот што Словенија ќе го преземе кормилото со Советот на ЕУ наредниот месец, фокусот бил на приоритетите на словенечкото претседателство, особено проширувањето на ЕУ, кое што е високо на нивната агенда.

Османи притоа добил уверување од Логар дека Западниот Балкан ќе биде многу важно прашање за претстојното претседателство на Словенија со ЕУ како и дека клучното прашање на неформалните и највисоките можни политички дискусии ќе биде Самитот за Западен Балкан, со што прашањето за земјите од Западен Балкан ќе биде на врвот на дневниот ред во ЕУ.

Двајцата министри во текот на нивното учество на „ГЛОБСЕК 2021“, заедно дебатирале и на Панелот со наслов: „Геополитичката Европа на крстопат: Западниот Балкан во ера на пост-ковид-19“.