Министерот за надворешни работи Бујар Османи се состана со новоименуваната амбасадорка на САД, Анџела Прајс Агелер, по повод предавањето на копиите од акредитивните писма. На средбата тој изразил уверување дека со нејзиното искуство амбасадорката Агелер ќе придонесе кон понатамошно продлабочување на билатералните односи и зајакнување на соработката.

„Османи ги нагласи првичните резултати кои произлегуваат од Стратешкиот дијалог со САД, како ново поглавје во односите и надградба на стратешкото партнерство, како и посветеноста за дефинирање на идните активности кои имаат за цел понаташно поттикнување на рефомските процеси и демократски развој на државата“, наведено е во соопштението од МНР до медиумите.

Министерот се заблагодарил за континуираната американска помош за нашиот евроинтегративен процес, како значаен влог во зачувување на стабилноста и целокупниот регионален напредок.

„Стана збор за силното сојузништво меѓу двете земји во рамки на НАТО Алијансата, со посебен акцент на руската воена агресија во Украина, како и за идното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година“, се додава во соопштението.