Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска имал средба со претседателот, Ѓорге Иванов, кого го информирал за посетата во Брисел со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и за пораките што ги добиле од министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата.
Од Секретаријатот за европски прашања информираат дека Османи му реферирал на Иванов и за реформските пакети на Владата од делот „6-9“ и нагласил дека по имплементирањето на реформите и отстранување на отворените политички прашања, Владата очекува одлука за почеток на преговорите со ЕУ до средината на 2018 година.
– Имаме неповторлива шанса во 2018 година да направиме историски исчекор и да го затвориме прашањето за ЕУ и за НАТО. Потребно е да ги тргнеме настрана нашите лични, партиски, па дури и етнички приоритети, да оствариме консензус за реформите и да испорачаме резултат – истакна Османи.
Османи побарал од Иванов поддршка за реформскиот процес, но и поддршка за обезбедувањето консензус и вклученост на опозицијата, за законите за кои е тоа потребно, како и поддршка од двотретинско мнозинство во Собранието.