fbpx

Османи: Овие шест недели ќе ја решат судбината на следните шест месеци

-

Со локалните избори и со позитивниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР, го крунисавме поглавјето „3“ од планот „3-6-9“ и сега почнуваме ново поглавје кое е особено важно, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

– Следните шест недели, на некој начин, ќе ја определат судбината на следните шест месеци, кои се најважни во определувањето на долгорочната перспектива на државата. Во следните шест недели треба да испорачаме законски проекти во трите столба кои се определени во планот „3-6-9“, односно во правосудството, безбедносните служби и во јавната администрација – рече Османи, додавајќи дека од носењето на овие закони ќе зависи каква ќе биде оценката за Македонија во стратегијата за проширување, која треба да биде објавена во февруари следната година.

До крајот на декември треба да се донесат законите за деполитизација и за професионализација на администрацијата, да се донесе стратегијата за реформи на правосудството, законот за анулирање на Советот за утврдување на факти, да се отстранат можностите за злоупотреба на системот за прислушување, а треба да се донесе и цел пакет закони поврзани со безбедносните служби, кои во кон средината на декември ќе се најдат на владина седница. Османи рече дека за безбедносните закони имаат координација и консензус со опозицијата и притоа уште еднаш упати порака дека националните интереси треба да се стават над партиските и над личните интереси.

Прашан како го коментира писмото од амбасадорот во ЕУ дека Брисел реагира поради тоа што Владата не се фокусира на приоритетните реформи, Османи рече дека немале никакви формални, ниту неформални критики од Брисел. Во однос на законот за јазиците, тој истакна дека европското знаменце е поставено затоа што Охридскиот рамковен договор е важен дел од евроинтеграциите и оти законот ќе биде донесен до крајот на годината.

– Патот на Македонија до Брисел оди преку Охрид. Секоја мерка што произлегува од Охридскиот договор е важен услов за интеграцијата во ЕУ – рече Османи, додавајќи дека законот ќе биде донесен до крајот на годинава и оти расправата за него нема да го спречи носењето на другите приоритетни закони.

Османи изрази надеж дека по завршувањето на планот „3-6-9“, Македонија ќе добие датум за преговори и оти нема да има план „12“. Сепак, истакна дека реформите и по овој период ќе продолжат, а не ја исклучува и можноста да бидат и поинтензивирани доколку се добие датум за преговори. На новинарско прашање дали Македонија има добиено услов да се реши спорот за името до јуни, Османи рече тоа воопшто не е побарано и оти засега никој не го знае предлогот на посредникот Метју Нимиц ниту, пак, може да каже дали тој ќе биде прифатлив за двете страни. Тој рече дека треба да се искористи моментот и оти и да не се реши спорот до јуни, доколку се почнат преговорите со ЕУ, Атина има можност да стави блокада во самите преговори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Меѓаши: Младите треба отворено да зборуваат ако имаат суицидни мисли

Потребна е поголема поддршка од институциите за негување на детското ментално здравје, а сите треба да учествуваме во детабуизирање на темата. Ова беа заклучоците на денешното презентирање на наодите на...