Министерот за надворешни работи Бујар Османи | Фото: МНР

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес конференција не даде поконкретен одговор на прашањето што се прави во поглед на решавање на спорот со Бугарија во последниве денови, пред Советот за општи работи во вторник, но нагласи дека македонската страна нема да се откаже од процесот до последниот момент.

– Бидејќи во моментот нема договор, не можам да предвидам дали ќе има договор до вторник кога ќе се организира конференцијата – рече Османи.

Според него имало напредок за многу прашања, а како посебно сензитивни за една или за другата страна, тој спомена 7 или 8.

– Се уште се пред нас уште три дена, ќе работиме до последниот момент да аргументираме дека процесот на европските интеграции не е процес којшто е важен само за Република Северна Македонија, туку и за Бугарија и за сите земји членки на Унијата, пред се и за кредибилитетот на Унијата, но и за регионалната динамика- рече министерот за надворешни работи.

Информирајќи за зачленувањето на Македонија во Организацијата за црноморска економска соработка (БСЕК), македонскиот министер за надворешни работи рече дека „оваа организација покрива три различни региони – Балканот, Кавказот и Црното Море, со површина од 20 милиони квадратни километри. Обемот на трговијата во рамки на БСЕК изнесува приближно 170 милијарди долари годишно, а важно е да се потенцира и дека БСЕК го претставува вториот најголем извор на нафта и природен гас по регионот на Персискиот Залив, со што претставува еден од главните снабдувач на енергија за Западна Европа“.

– Секое идно планирање на мега проекти од областа на инфраструктурата или енергетиката кои географски ќе потекнуваат од БСЕК, ние ќе можеме одблиску да ги следиме, и да се вклучиме како корисник. Тоа секако создава и нови услови и можности за привлекување странски инвестиции, како и создавање дополнителен потенцијал за домашните бизниси, особено за оние кои се извозно ориентирани – истакна Османи, додавајќи дека четири од нашите пет соседни земји веќе се членки во организацијата.