fbpx

Османи: Нашите дипломати и неколку граѓани во Киев се во скривница, се обидуваме да ги евакуираме

-

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес конференција по повод посетата на неговиот српски колега Никола Селаковиќ, соопшти дека постојано е во контакт со нашата амбасада во Киев, како и со наши граѓани кои се обидуваат да заминат од Украина.

„Ние сме во комуникација со нашата амбасада. За жал, ситуацијата не е добра, особено во Киев. Амбасадорот и дипломатот, и двајца други граѓани, кои се во Амбасадата, поголемиот дел од денот го поминуваат во скривница отколку во амбасадата. Не можат да отидат до нивните резиденции. Тие преспале во амбасадата. Се обидуваме да ги евакуираме. Имав контакти со мои колеги од регионот. Во Киев има околу 20-тина амбасадори од членки на ЕУ, кои исто така не можат да излезат. Киев е опколен, цела ноќ имало воздушни напади. Правиме аранжмани, која било земја која ќе обезбеди прва транспорт, да ги извадиме и нашите дипломати до Полска. Меѓутоа, тие се во комуникација со нашите граѓани во Украина. Иако вчера поголемиот дел го минале во скривница, даваат патни листови. Но, и тие кои добија патни листови, не можат да излезат“, соопшти Османи.

Министерот кажа и дека лично контактирал со семејство со едногодишно дете, кое е во источниот дел од Украина и додаде дека има и неколку наши граѓани во Одеса.

„Разговарав со министерката за надворешни работи на Бугарија, бидејќи тие имаат конзулат во Одеса, да може со нивните автобуси, со кои ќе ги преземаат нивните граѓани, да ги земат и нашите. Го поврзав доцна синоќа нашиот амбасадор со бугарскиот генерален конзул во Одеса за да ги информираат нашите граѓани каде да чекаат. Во последната комуникација која ја имав со нашиот амбасадор, тој ми кажа дека не можат да го напуштат Киев, кој е опколен“, рече Османи и изрази надеж дека нашите дипломати во текот на денот ќе можат да стигнат до Полска.

Османи рече дека никој не може да предвиди како ќе се одвива ситуацијата, но дека членки на ЕУ прават планови за бранови на бегалци. Според него, во моментов не би требало кај нас да има бран на бегалци оти сме подалеку од Украина, но не ја отфрли и таа опција.

„Доколку оваа состојба ескалира повеќе, може и тоа да се случи“, рече Османи.

Османи наведе дека како земја -членка на НАТО ги имаме во реално време сите информации и ги знаевме сите чекори на Москва пред две недели, што дава можност да донесете добро информирани одлуки, да се подготвувате за било кои последици.

Министерот потсети дека НАТО е сојуз што се грижи за секој квадратен метар територија на своите земји -членки, што значи дека ние сме под заштита на НАТО, но сепак ги преземаме сите мерки во однос на заштита од сајбер напади и други мерки, за што Владата расправала во претходните недели, а денеска ќе има седница на која ќе се преземаат дополнителни мерки.

„Треба да бидеме многу внимателни тука во регионот“, нагласи Османи.

Тој додаде дека и затоа се овие чести комуникации со регионалните фактори за да бидеме координирани, а се усогласивме и заеднички е ставот дека никој во регионот не сака конфликт, ескалација и мора да бидеме многу внимателни во тој дел.

„Секако ќе има и економски импликации и тие веќе се чувствуваат, во цените на гасот, во цените на изворите на енергија, а тоа ќе се манифестира уште повеќе на цените на другите производи, вклучувајќи ги прехранбените производи“, изјави шефот на дипломатијата, по средбата со министерот за надворешни работи на Република Србија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Со 78 гласа „за“, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите. Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање...