Министерот за надворешни работи Бујар Османи на министерскиот состанок на ЕУ за надворешни работи, во рамките на германското претседателство со Берлинскиот процес. 8 јуни 2021. Фото: МНР

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи смета дека „поминавме долг пат“ и постигнавме значајни резултати во меѓусебната соработка во рамки на германското претседателство со Берлинскиот процес за 2021 година. Османи учествуваше на денешниот состанок на министрите за надворешни работи со кој претседаваше германскиот министер, Хајко Мас.

На средбата се дискутирале актуелни прашања поврзани со европската перспектива на Регионот во пресрет на јунските Совети на ЕУ, како и повеќе аспекти на регионалната соработка. Министрите разговарале за начинот на имплементирање на Повеќегодишниот акциски план на заедничкиот регионален пазар кој е во синергија со Економскиот и инвестицискиот план на ЕК, a во функција на подготвувка на земјите од Западен Балкан кон нивната идна интеграција во заедничкиот внатрешен пазар на ЕУ.

„Поминавме долг пат и заедно постигнавме значителни резултати во областите на меѓусебна соработка – да бидеме економски, политички, безбедносно и социјално поврзани“, посочил Османи.

Тој додал оти агендата за поврзаност еволуирала во меѓусебната поврзаност во многу поширока смисла, надвор од инфраструктурната.

„Вклучувањето на земјите од Западен Балкан во активен и динамичен пристапен процес целосно ќе ги ангажира општествата во создавање на нови вредности, напредок и позитивна конкуренција“, посочил Османи додавајќи дека регионалната соработка, станува сè поважна – да се демонстрира сопственост и заедничко политичко лидерство.

„Ние сме релативно мали економии, но заедно сме силни. Фактот дека имаме наши разлики и различни ставови, не ја исклучува далеку поблиската соработка во сите секторски области поврзани со ЕУ“, истакнал Османи.

Покрај министерот Османи, на состанокот учествувале министрите, учесници во процесот од земјите од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора и земји членки на ЕУ: Aвстрија, Бугарија, Грција, Италија, Полска, Словенија, Франција, Хрватска, како и Обединетото Кралство, а свое обраќање имаше и еврокомесарот за проширување и соседски политики, Оливер Вархеи.

Германското претседателство продолжува со напорите за испорака на натамошни резултати во однос сите иницијативи започнати во рамките на Берлинскиот процес кои треба да се презентрираат на Берлинскиот Самит закажан за 5 јули оваа година, а со кој ќе претседава германската канцеларка Ангела Меркел.