Фото: МНР

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со европратеникот Илхан Ќучук, известувач во Европскиот парламент за Република Северна Македонија, кој е во дводневна посета на земјава.

Посетата на Ќучук се реализира во пресрет на гласањето кон нацрт-резолуцијата за Република Северна Македонија во Комитетот за надворешни работи во рамките на Европскиот парламент, што беше и централна тема средбата. За време на средбата беше разговарано за европските перспективи на земјава, како и севкупните состојби со процесот на проширување на Унијата.

„Ни претстои гласањето кон нацрт-резолуцијата за Република Северна Македонија. Не очекуваме ништо повеќе од она што е реално, она што е јасно, видливо, и веќе неколкупати повторено: Република Северна Македонија испорача, испорача на сите полиња и заслужува валоризација на остварениот напредок. Потребно е и Европската Унија да ја операционализира одлуката од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција“, истакна Османи.

На средбата беше отворено и прашањето за нашите односи со Бугарија, но и реформската процес што се одвива во земјата.

„И покрај длабоките разочарувања во земјава, со несмалено темпо се одвива политичкиот дијалог со цел да не дозволиме поширок застој на меѓусебните односи. При самиот крај сме на финализацијата на акцискиот план кој ќе претставува значаен документ за да ја следиме линиската соработка во сите области. Очекувам преку посветена работа и трпеливо да ја вратиме довербата и во политичкиот дијалог, за што ја очекуваме поддршката и од нашите пријатели,“ нагласи Османи.

Во рамките на посетата, покрај со Османи, Ќучук ќе оствари средби и со претседателот, Стево Пендаровски претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот на Владата, Зоран Заев, претставници на парламентарните групи и други државно – политички претставници.