Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес конфeренција во Градскиот парк во Скопје, ја лансираше иницијативата „Зелена дипломатија – новото нормално“ и ги информираше новинарите за конкретните чекори и проекти преку кои ќе се спроведува.
Ќе биде назначен климатски амбасадор чии надлeжности ќе бидат промовирање на домашните и меѓународните политиките за зачувување на животната средина. Зелената надворешна политика ќе треба да се прилагоди на предизвиците на носителите на одлуки во борбата против климатските промени и нивните влијанија, а амбасадите ќе бидат фронтални предводници на иницијативата за зелена дипломатија, што ќе значи и нула пластика во МНР и целата дипломатска мрежа, споделување на возило со колегите, возење велосипед или пак тротинет, соларни уреди како одржливи извори на енергија, штедење на хартија, замена на светилките со штедливи светилки.
Османи информираше дека веќе е во постапка формирање на посебно Одделение во МНР за зелена дипломатија кое ќе ги следи и анализира меѓународните политики во областа на климатските промени и заштитата на животната средина и нагласи дека ќе се изгради зелен покрив на зградата на МНР, ќе се воспостави и систем на сепарација на отпад, а објектите на амбасадите ќе треба да станат енергетски ефикасни.
„Ние имаме визија да станеме прва земја од регионот што ќе обезбеди одржлива работна средина во министерството, но и на дипломатската мрежа во следните пет години. Преку „зелената дипломатија – новото нормално“, министерството ќе се обиде преку претходно набројаните чекори и сериозни проекти да ја постигнеме оваа амбициозна трансформација. Иднината е зелена и за дипломатијата“, заклучи Османи.