Бујар Османи. Фото: МНР, 21 јули 2021

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека постојат сериозни можности да се најде решение за спорот со Бугарија до крајот на годината. Тој на спорот со Бугарија се осврна во одговор на новинарско прашање по
тематската дискусија организирана од Министерството за надворешни работи (МНР) поврзана со парламентарната димензија на надворешната политика и улогата на Собранието и парламентарната дипломатија во остварувањето на стратешките надворешно-политички цели на Република Северна Македонија.

„Клучно ќе биде дали ќе има страна во Бугарија која ќе може да влезе во дијалог со нас во однос на овие прашања. Јас сум вечен оптимист, меѓутоа сметам дека има сериозни прозорци на можност до крајот на оваа година и сите се ангажирани. Прозорците се пред и по нашите избори, септември, октомври и декември, на кои ние таргетираме и мислиме дека постои шанса да се најде решение, но сакам да не се врзуваме со датуми поради тоа што општеството живее со тие рокови и со тие надежи и фрустрации на датуми и рокови“, рече Османи.

Тој порача дека Северна Македонија останува целосно отворена за сите можности за надминување на бугарското вето и почеток на преговорите за членство на земјава во ЕУ.

„Ние ќе продолжиме да бидеме конструктивен партнер, да се обидеме да најдеме решение во рамки на позициите што ги има државата, но прашањето не е во наши раце“, рече Османи.

Тој нагласи дека словенечкото претседателство со ЕУ продолжува активно со својот ангажман во рамки на претседателството за да се надмине ова решение, и оти тоа решение на претседателството е добра основа на која теба да се продолжат разговорите во наредниот период.