Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска во Братислава официјално ја отвори Амбасадата на Република Северна Македонија во Словачката Република, во присуство на својот колега, министерот за надворешни и европски работи на Словачка, Иван Корчок.
„Овој нов и топол дом на Северна Македонија во Словачка, ова катче, ќе биде уште една точка преку која ќе ја развиваме нашата соработка, еден вид хаб низ кој ќе проаѓаат бројни идеи, проекти, иницијативи кои се од заеднички интерес за граѓаните на двете земји. Северна Македонија и Словачка и досега развиваа позитивни и квалитетни билатерални односи, но верувам дека со денешниот чин влегуваме во едно ново поглавје“, изјави Османи.
Тој додаде дека со отворањето на нашето дипломатско-конзуларно претставништво, напорите за поинтензивна комуникација, посебно на планот на економската соработка, културата, образованието, заштитата на интересите на граѓаните и други активности, ќе придонесат за нова димензија во меѓусебните односи.
Приликата беше искористена двајцата министри да разговараат за најновите состојби, напорите за справување со последиците на пандемијата и предизвиците и перспективите на процесот на нашата европска интеграција, во насока на одлуките на првата Меѓународна конференција и формалното започнување на пристапните преговори со ЕУ. Беше потврдена силната поддршка на Словачка за неодложен старт на преговорите.
