Министерот за надворешни работи, Бујар Османи заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рајчел Галовеј ја потпишаа Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, на свечена церемонија организирана по тој повод. Спогодбата го зајакнува трговскиот однос меѓу Обединетото Кралство и Република Северна Македонија, која во 2019 година беше во вредност од 1,8 милијарди фунти, преку обезбедување континуиран преференцијален пристап и отворање на патот за зголемена трговија во иднина.
„Денес одбележуваме крунисување на еден долг, значаен процес, започнат уште пред три години, а кој претставува суштински израз на вредностите на Дипломатијата да создава можности и потенцијали за бизнисите, за општествата и воопшто за граѓаните,“ истакна Османи.
Обединетото Кралство, во изминатите десет години прерасна во еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија и меѓу десетте најголеми извозни и увозни дестинации на нашата земја.
„Договорот значи потенцијал за бизнисите да ја зголемат економската активност меѓу двете земји, тоа ќе значи потенцијал и за останатите бизниси да оформат нови релации на соработка ослободени од бариерите на границите; ова е потенцијал и за нови британски инвестиции овде во Северна Македонија, за нови работни места, за поголема активност и на домашните компании и секако, потенцијал за севкупен економски напредок што претставува круна на одличните односи меѓу двете земји“, потенцираше Османи.
Британската министерка за Европско соседство и Америки од Министерството за надворешни работи и развој, Венди Мортон рече:
„Го поздравувам потпишувањето на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка на Обединетото Кралство и Северна Македонија, кој ги поставува основите за уште поамбициозни односи меѓу нашите земји. Ова вклучува идна соработка во справување со климатските промени, подобрување на образованието и застанување во одбрана на човековите права”.
Таа изјави дека Северна Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство во Западен Балкан и Обединетото Кралство е втор по големина увозен пазар во Северна Македонија.
„Потпишувањето на оваа спогодба им ја дава сигурноста што им е потребна на извозниците и потрошувачите за да продолжат да тргуваат слободно и со доверба откако ќе заврши преодниот период”, изјави Мортон.
Британскиот министер за меѓународна трговија, Ранил Џајавардина изјави дека слободната и фер трговија е од витално значење додека работиме на закрепнување од економското влијание на коронавирусот и затоа сум одушевен од тоа што денес ги зацврстивме нашите трговски односи со Северна Македонија.
„Денешната спогодба дава сигурност за деловното работење во двете земји и ја покажува нашата посветеност да ги зајакнеме нашите силни трговски врски со Северна Македонија и регионот на Западен Балкан“, изјави Џајавардина.
Британската амбасадорка во Република Северна Македонија, Рејчел Галовеј рече дека по пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, оваа спогодба е уште еден позитивен чекор во зајакнувањето на односите меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија.
„Северна Македонија нуди големи можности за компаниите и инвеститорите во различни индустрии од Обединетото Кралство додека потпишувањето на оваа Спогодба означува нова ера на зголемени инвестиции во нашите економии. Обединетото Кралство останува посветено на евроатлантскиот пат на Северна Македонија и ние ќе продолжиме да бидеме обединети како сојузници во НАТО“, изјави амбасадорката Галовеј.