Оскари 2022: „КОДА“ е најдобар филм, „Дина“ доминираше со 6 победи, Академијата повика за поддршка на Украина

Фото: колаж, официјални постери на филмовите КОДА и Дина

Вчерашниот, Светски ден на театарот го одбележи уште еден значаен настан од драмската уметност, доделувањето на најпрестижното филмско признание, Академските награди – Оскари 2022.

Долго очекуваната церемонија се одржува 94-ти пат, а вчерашниот настан прослави 20 години одржување во Долби театарот во Холувуд, Лос Анџелес. Препознатливиот црвен тепих низ кој поминуваат ѕвездите од светската и холивудска филмска сцена започна во 17:30, а официјалното доделување во 19:00 часот според пацифичкото стандардно сметање на времето.

Водители на настанот беа три важни женски имиња, актерката и стенд ап комичарка, Еми Шумер заедно со Реџина Хал од франшизата „Scary Movie“ и писателката и комичарка Ванда Сајкс, кои на сатиричен начин и со директни забелешки кон актерите од номинираните филмови ја забавуваа целата публика.

Прва добитничка на Академска награда минатата вечер беше Ариана Дебосе за нејзиниот преформанс во мјузиклот „Приказна од западната страна“ во категоријата за најдобра женска улога. Ова е првата номинација за Оскар на актерката која годинава освои и Златен глобус, БАФТА (Британската академија за филм и телевизија), САГ (Способност на актерите на екран) и други номинации и награди на светските филмски фестивали за толкувањето на Анита во романтичната „Приказна од западната страна“.

Највисокото признание што го доделува Академијата, Оскар наградата за најдобар филм ја доби „КОДА“ во сценарио и режија на Шен Хедер што ја претставува емотивната приказна за животот и комуникацијата на глувонемите личности во општеството. Филмот ја освои победата во конкуренција со „Моќта на кучето“, „Приказна на западната страна“, „Белфаст“, „Ликориш пица“, „Вози ја мојата кола“, „Не гледај горе“ и „Кошмарна уличка“ што ја составува досега најдолгата листа на номинирани филмови во оваа категорија.

Трој Катср ја доби првата номинација и Академска награда за најдобра споредна машка улога за исклучителниот перформанс во „КОДА“. Тој е првиот актер лишен од слух да добие Оскар, како и БАФТА и САГ признание во истата категорија. Наградата ја посвети на сите кои се соочуваат со истите потешкотии, а во номинациите успеа да ги победи Киаран Хиндс („Белфаст“), Џеси Племонс и Коди Смит („Моќта на кучето“) и Џ.К Симонс („Да се биде Рикардо“).

Авантурата со научно-фантастична тема работена според истоимената новела на американскиот писател Френк Херберт, „Дина“ доби 6 Оскари од вкупно 10 номинации. Филмот доби Оскар за најдобра кинематографија, најдобра оригинална музика, исклучителна монтажа, најдобар звук, визуелни ефекти и најдобра сценографија, односно продукциски дизајн.

Австралиската режисерка на филмот „Моќта на кучето“, Џејн Кемпион го доби својот втор Оскар во кариерата (1994 за филмот „Пијано“ за најдобро оригинално сценарио) и овој пат таа освои во категоријата за најдобар режисер. Кантри драмата со моќна порака пренесена преку „Моќта на Кемпион“ оваа година освои 257 награди и 304 номинации, меѓу кои и БАФТА за најдобар филм. Иако филмските критичари го прогласија за фаворит за добивање на Академската награда за најдобар филм, филмот се задржа со само еден Оскар.

Вил Смит ја освои својата прва Академска награда со признание за најдобар актер за филмот „Кралот Ричард“ каде тој глуми во улога на таткото на големите шампиони во тенисот, тенисерките Серена и Венус Вилијамс, Ричард Вилијамс. Смит наградата ја прими со солзи и емотивен говор посветен на семејството Вилијамс и тимот зад филмот чиј режисер е Риналдо Маркус Грин.

По две номинации во 2012 и 2013 година, Џесика Частин ја доби Академската награда во категоријата најдобра актерка за толкувањето на храбрата активистка Тами Феј во „Очите на Тами Феј“.

Јапонскиот драма филм „Вози ја мојата кола“, ги исполни очекувањата на публиката и ја освои наградата за најдобар меѓународен долгометражен филм. Ова е петти Оскар во историјата за јапонската кинематографија, а филмот на Рјусуке Хамагучи донесе 72 награди и 95 номинации на филмските меѓународни фестивали.

За време на церемонијата беше оддадена минута молк за поддршка на украинскиот народ и земја во однос на воениот конфликт со Русија што трае повеќе од еден месец.

„Додека филмот е одлична можност за нас да ја покажеме својата хуманост во време на војна, реалноста е дека на милиони семејства во Украина им се потребни храна, лекови, чиста вода. Ресурсите се скудни и ние заедно, како глобална заедница можеме да направиме повеќе.“, гласеше пораката што се појави на екраните за време на преносот.

По седум номинации во кариерата, Кенет Брена го доби првиот Оскар во категоријата за најдобро оригинално сценарио за својот филм „Белфаст“. Сценаристката и режисер, Шан Хедер ја освои третата награда за филмот „КОДА“ за најдобро адаптирано сценарио, за кој освои бројни признанија во истата категорија меѓу кои и четири награди на Најголемиот независен филмски фестивал Санденс минатата година.

Најдобар документарен долгометражен филм е „Лето на душата“ познат и како „Кога револуцијата не можела да биде снимена“ што го прикажува собирот на Културниот фестивал во Харлем летото 1969 година за славење на црнечката историја, култура, музика и мода. Најдобар краткометражен филм е документирањето на животот на кошаркарската икона во американската историја на женската кошарка, Луси Херис Стујарт, „Кралица на кошарката“ во режија на Бен Праудфут.

Филмот „Курела“ се здоби со престижната награда за најдобра костимографија во дизајн на Џени Беван„Очите на Тами Феј“ доби уште еден Оскар во категоријата за најдобра шминкаи фризура, а наградата ја примија Линда Даудс, Стефани Инграм и Џастин Рали.

Приказната за магичното место „Енканто“ ја поведе магијата за награда за најдобар долгометражен анимиран филм, а „Бришачот на шофершајбната“ е најдобар краткометражен анимиран филм.

Американската поп пеачка, Били Ајлиш доби Оскар за најдобра оригинална песна за „No Time To Die“, што беше дел и од најновиот филм со единствениот Џејмс Бонд, трилерот „Нема време за умирање“ што годинава прославува 60 години од снимањето на првиот филм.