Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) евидентирала дека минатата година граѓани, компании и институции купиле осигурителни полиси за животно и за неживотно осигурување во вкупна вредност од 10,06 милијарди денари (163,7 милиони евра). Тоа е помалку за 270,6 милиони денари (4,4 милиони евра) или за 5 отсто во однос на 2019 година, кога сите осигурителни друштва инкасираа 10,58 милијарди денари (172,1 милиони евра) од продажба на полиси.
„Здравствената пандемија лани генерално негативно влијаеше врз националната економија, а тоа се одрази и врз работата на осигурителните друштва. Нивната вкупна продажба на осигурителни продукти се намали за 5 отсто, но и покрај тоа, 14 осигурителни друштва минатата година ја завршиле со добивка во вкупна вредност од 627,3 милиони денари (10,2 милиони евра)“, соопштија од АСО.
Потсетуваат дека неодамна препорачаа осигурителните компании да се воздржат од исплата на дивиденда, со цел тие да останат во добра финансиска кондиција во овие специфични, неизвесни услови на работење, а добивките да ги пренесат во капиталот и резервите, со цел да останат солвентни и ликвидни.
На осигурителниот пазар оперираат 16 компании од кои 11 друштва продаваат неживотно осигурување, а 5 се за животно осигурување. Во вкупната продажба друштвата за неживотно осигурување лани учествувале со 82,7 отсто.