Општина Дебрца и Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ Охрид, потпишаа договорот за донација, со кој на општина Дебрца на трајно владение и се предадени туристичка инфраструктура и промотивни материјали за Белчишкото блато „Сини Вирој”.

Целта на донацијата е остварување, унапредување, промоција и поддршка на активностите на проектот „Подобрување на управувањето и одржливо користење на Белчишкото блато ( Сини Вирој )”, кој го спроведува здружението „Екотуризам 2016“ и канцеларијата на UNDP, Скопје и е дел од проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја”, финансиран од ЕУ, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во рамките на Проектот извршен е биолошки мониторинг на најважни растителни и животински видови и живеалиштето евлова шума во подрачјето на Белчишко блато, а направени се истражувања за валоризација на екосистемските услуги од блатото, како и истражување за социо-економското значење на блатото.

Снимен е документарен филм за промоција на овој биолошки и хидролошки важен локалитет и изработена е веб страница за блатото (www.belciskoblato.mk) .

Во идниот период со сите засегнати чинители од Општина дебрца ќе работат на прогласување на блатото за заштитено подрачје на национално ниво, а блатото е веќе идентификувано како идно европско заштитено подрачје во рамките на мрежата „НАТУРА 2“.