Конвој од нафтени танкери денеска минува низ Ормутскиот теснец, што претставува прво поголемо движење на бродови во овој клучен поморски правец откако пред седум недели САД и Израел започнаа воени операции против Иран.
Групата од четири танкери за течен нафтен гас, како и неколку танкери за нафтени деривати и хемикалии, се движи низ иранските води јужно од островот Ларак, а зад нив следуваат и други бродови од Персискиот Залив, покажуваат податоците на „МаринТрафик“. Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп спомена „позитивни вести“ поврзани со Иран, без да даде дополнителни детали, додавајќи дека борбите би можеле да продолжат доколку до среда не се постигне мировен договор.
Иран повторно го отвори Ормутскиот теснец, низ кој пред војната поминуваше околу една петтина од светската трговија со нафта, по договореното примирје меѓу Израел и Либан постигнато со посредство на САД.
И покрај отворањето на теснецот, останува неизвесно дали викендов ќе се одржат директни разговори меѓу САД и Иран, како и дали ќе се постигне договор за иранската нуклеарна програма, едно од главните спорни прашања.
Војната, која започна на 28 февруари со американско-израелски напад врз Иран, однесе илјадници животи, се прошири и во Либан и предизвика нагло зголемување на цените на нафтата поради затворањето на теснецот.
Трамп изјави дека преговорите продолжуваат и дека очекува позитивен исход, нагласувајќи дека главната цел е Иран да не поседува нуклеарно оружје. Во спротивно, најави можност за прекин на примирјето и продолжување на американската блокада на иранските пристаништа.
Сепак, дипломатски извори велат дека е малку веројатно викендов да има директни разговори во Исламабад, каде што се очекува нивно одржување, а засега нема знаци за конкретни подготовки.
Главен камен на сопнување останува нуклеарната програма на Иран. САД бараат ограничување, додека Техеран инсистира дека станува збор за цивилна програма.
Американската страна предлага 20-годишно суспендирање на нуклеарните активности, додека Иран нуди период од три до пет години. Постојат индиции за можен компромис, но разликите сè уште не се надминати.
Во меѓувреме, цените на нафтата паднаа за околу 10 отсто, а светските берзи забележаа раст по најавите за повторно отворање на теснецот. Повеќе од десет земји изразија подготвеност да учествуваат во меѓународна мисија за обезбедување на поморскиот сообраќај.
И покрај умерениот оптимизам, ирански извори велат дека остануваат значајни разлики, додека верските лидери во земјата порачаа дека Иран нема да преговара под притисок.
