Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) формираше работна група која треба да состави предлог-измени и дополнувања на Законот за нотаријат и на Законот за извршување.

„Со некоку спорни одредби во законите кои ја регулираат нотарската и извршителската дејност, кои стапија во сила од почетокот на оваа година, неправедно им е оневозможено на правниците кои работат во компаниите да ги застапуваат интересите на своите компании, затоа што со овие закони тоа право им беше ексклузивно дадено само на адвокатите. На ваков начин, не само што неоправдано се фаворизираат адвокатите, на сметка на правниците во компаниите, туку и директно се зголемуваат трошоците на компаниите што влијае на намалување на нивната конкурентност на пазарот“, изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Тој истакна дека во организацијата веќе пристигнуваат информации од членки кои соочени со зголемување на трошоците заради ангажирање адвокати, се приморани да размислуваат и за отпуштање на вработени од нивните правни служби и покрај тоа што се работи за високостручни лица со положен правосуден испит и големо практично искуство.

Во ОРМ велат дека нееднаквиот третман на правниците во компаниите наспроти адвокатите, претставува директна дискриминација која е наметната со споменатите законски акти, што само по себе го отвора прашањето за нивната уставност.

Дополнително, со спорните одредби од Законите за извршување и за нотаријат се укинува правото на компаниите непосредно и самостојно да го изберат наједноставниот и најефикасниот начин на правна заштита и застапување во постапки пред нотар или во извршната постапка.