Фото: Организација на работодавци

Кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата има големо влијание врз 82 отсто од домашните компании. Девет сектори во кои се ангажирани 62 отсто од вкупниот број на вработени во стопанството, најмногу се погодени од кризата, а дури 40.000 работни места се наоѓаат во непосреден ризик. Без адекватни мерки и поддршка за овие компании и вработени, сегашната стапка на невработеност во земјата ќе се зголеми и до пет процентни поени.

Тоа се дел од резултатите од анкетното истражување што го спроведе Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) меѓу компаниите, како основа за изготвување на неодамна објавениот Извештај за брза процена на влијанието на Ковид-19, изработен од Меѓународната организација на трудот (МОТ), преку проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, финансиран од Европската Унија.

Како што соопштија од ОРМ, во деветте најпогодени сектори спаѓаат и: услужните дејности, особено оние со храна и пијалаци, секторот на малопродажба, транспортот и складирањето, преработувачката индустрија, најмногу производството на прехранбени производи и градежништвото.

Дури 43 отсто од компаниите во овие сектори, а најмногу микро и малите претпријатија, пријавиле пад на приходите за половина или повеќе, а 11 отсто привремено прекинале со работа. Околу половина од анкетираните изјавиле дека нивната компанија нема да го „преживее“ третиот квартал од годинава, доколку ситуацијата со кризата значително не се подобри.

„Оценка на најголемиот дел од компаниите е дека досегашните економски мерки на Владата за поддршка, беа навремени, но дека големината на обезбедената помош и времетраењето на мерките, нема да бидат доволни за да се постигнат посакуваните ефекти“, вели претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Над 70 отсто од анкетираните оценуваат дека државната помош за исплата на платите на вработените, треба да продолжи и до шест месеци, а повеќе од 50 отсто ијавиле дека треба да се обезбедат дополнителни даночни олеснувања на персоналниот данок, данокот на добивка и ДДВ, како и да се зголеми обемот на бескаматни кредити преку Развојната банка за да се обезбеди економска активност, со што би се избегнал стечај, ликвидација и отпуштање на вработените.