Оркестарот на македонската филхармонија вчера одржа концерт во Златната сала на прочуениот „Музикферајн“ во Виена, еден од најпознатите и најценети концертни простори во светот. Салата беше исполнета до последното место, а публиката стоечки со аплауз ги врати на бис уметниците кои во рамки на програмата изведоа пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на Сони Петровски, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, „Македонска парафраза бр. 2“ од Бете Илин и „Симфонија бр. 8“ од Антонин Дворжак.
Како солисти настапија Ана и Игор Дурловски, а со оркестарот диригираше маестро Јерухам Шаровски од Израел.
Во Виена беше директорот на македонската Филхармонија Мустафа Имери, а покрај многубројните гости, на концертот присуствуваше и државниот секретар во Министерството за култура и туризам Марија С. Ѓоргова.
„Овој концерт е значаен културен момент и заокружување на прославата на 80-годишнината од основањето на македонската Филхармонија, како и одбележување на 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Република Австрија и Република Македонија“, наведено е во соопштението од Министерството за култура.
Настапот на македонската Филхармонија во Виена е поддржан од Министерството за култура и туризам и од Македонската амбасада во Австрија, како дел од проектот за културна дипломатија и интернационална промоција на македонската уметност.