Организаторите на „Токио 2020“ се предомислија за забраната да се објавуваат фотографии од спортисти кои клечат во знак на протест

Bronze
Фотографија од британската фубдалерка Луси Бронз потпрена на колено беше објавена утрово на Твитер профилот на „Токио 2020“ , фото: Твитер / @Olympics

Меѓународниот олимписки комитет и организаторите на Олимписките игри „Токио 2020“ го променија ставот во однос на забраната што му била издадена на тимот кој ги води социјалните мрежи на Игрите, да објавува слики од спортисти кои клекнале на колено за време на натпреварите во знак на протест против расизмот и омразата.

„Гардијан“ вчера откри дека неколку часа пред почетокот на првиот фудбалски натпревар на британскиот женски тим против Чиле, од организаторите на Олимпијадата стигнале упатства кои забранувале на официјалните страници на „Токио 2020“ на социјалните мрежи да бидат објавувани слики од спортистки кои клечат.

Сликата од фудбалерките кои клекнале во знак на протест против расизмот можела да се види за време на преносот на натпреварот на телевизија и на Интернет, но ниту една ваква фотографија не била објавена на официјалниот блог на Олимписките игри, ниту на социјалните мрежи.

Потегот на британските фудбалерки подоцна го следеле и играчите на САД, Шведска и Нов Зеланд, но ниту нивните фотографии од клекнувањето во знак на протест против омразата не стигнале до објава на официјалните профили на Олимписките игри на Фејсбук, Твитер или Инстаграм.

По реакциите, утрово на Твитер профилот на „Токио 2020“ беше објавена слика од британската фудбалерка Луси Бронз на колена, проследена со пораката „Натпреварувањата започнаа вчера. Само некои од главните моменти: Јапонија стартуваше силно во софтбол. Тимовите клечеа пред натпреварот…“.

Согласно новите правила, на спортистите на Олимпијадата им се дозволени мирни протести на терените, откако Меѓународниот олимписки комитет го олабави правилото кое претходно им забрануваше на спортистите да прават било какви демонстрации или да шират политичка, религиозна и расна пропаганда на било кои олимписки места или области.