Организаторите на Олимпијадата во Париз се извинија за настапот кој што се случи за време на церемонијата на отворање на игрите во петокот, на кој се чини дека беше прикажано пресликување на „Тајната вечера“ на Леонардо да Винчи. Настапот доби голем број на критики од фановите.
Настапот вклучуваше жена со круна слична на ореол, голем број на драг кралици и ЛГБТ икони, и човек намачкан во сина боја, облечен во наметка од овошје, кој треба да го означува Дионис, грчкиот бог на плодноста, виното и веселбата.
Голем број на црковни луѓе и некои конзервативни политичари ја осудија претставата како изопачување на сцената раскажана во Библијата во пресрет на судењето и распнувањето на Исус.
Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон ја нарече изведбата „исмејување навредливо за христијаните ширум светот“. Американската телекомуникациска компанија, C Spire, соопшти дека го повлекува своето рекламирање од Летните олимписки игри. Француската конференција на католичките бискупи исто така се спротивстави.
„Јасно е дека никогаш немало намера да се покаже непочитување кон која било религиозна група. Ако луѓето се навредиле, ние, се разбира, навистина се извинуваме во името на Олимписките игри“, се извинија организаторите на игрите.
Во петокот, кратко по настапот, Олимпијадата објави фотографии од синиот човек на X (поранешен Твитер). „Интерпретацијата на грчкиот бог Дионис нè прави свесни за апсурдноста на насилството меѓу луѓето“, се вели во објавата.
Социјалните мрежи моментално се целосно поделени на различни мислења и на две различни страни. На една страна се оние кои што критикуваат дека станува збор за „Тајната Вечера“ и е директен напад кон христијаните, а од друга страна се тие што велат дека станува збор за нешто сосема друго, односно вечера со Дионис и останатите богови.