Организаторите на „Охрид колинг“ најавуваат евентуални 20 уметници на фестивалот

Организаторите на „Охрид колинг“, „Авалон“ продукција го најавуваат петтиот јубилеен роденден на фестивалот, за кој, изразуваат надеж дека како и секоја година ќе се одржи од 31 јули до 3 август.

Во Охрид оваа година би требало да присуствуваат 20 артисти, помеѓу кои и оние кои до сега присуствувале како и музичари кои прв пат ќе присуствуваат.

„Авалон“ продукција го најавуваат спектакуларното шоу на светските број еден диџеи за 2019 година, Dimitri Vegas & Like Mike.

„Тука е и холандското дуо W&W, препознатливо по совршениот прогресивен микс на EDM, хаус и транс. Третиот ден пак, хедлајнерската позиција ја има Lost Frequencies, младиот дечко кој во самиот почеток на неговата кариера, во 2016-та гостуваше на „Охрид колинг“, а сега веќе се смета за реномиран артист во електронската и фестивалската заедница, со вечно младите и актуелни хитови како Are You With Me, Reality и многу други. Последниот, четврти ден, на барање на публиката треба да присуствува Salvatore Ganacci, веројатно најголемиот шоумен кој се качил на сцената на „Охрид колинг“ и, поминувајќи ги сите граници на EDM-от и фестивалскиот перформанс, го приредил најавтентичното и дефинитивно најнезаборавното шоу,“ информираат од „Авалон продукција“.

Како дел од фестивалот се најавуваат и холандското дуо Blasterjaxx, француското дуо Ofenbach, австралијанецот Will Sparks, италијанското дуо, браќата Vinai, словенечкото дуо Vanillaz.

„Колку и да звучи сето ова во моментов како невозможна мисија, земајќи ја предвид моменталната ситуација со коронавирусот, одлучивме дека е добро сите заедно да фантазираме и да шириме оптимизам, кога веќе ништо друго не ни останува, стремејќи се и подготвувајќи се истиот оптимизам да стане реалност! Ние сме полни надеж и нема да влеземе во процес на откажување на фестивалот или пак префрлување на истиот за 2021 година сè до 01 јули оваа година,“ велат од „Авалон“.