Организацијата ОДАС реагира за начинот на справување со прекинот на наставата поради дојавите за бомби

Фото: Мета.мк

Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС) реагира на донесеното решение за справување со прекинот на наставата поради дојавите за бомби. Оттаму велат дека решението предвидува онлајн настава за учениците од средните училишта, но не гарантира квалитетна настава, надоместок на изгубените часови и успешно одвивање на полагањето на државната матура.

„Оваа генерација на средношколци нема една цела година со непрекината настава, а тоа директно ќе се одрази на резултатите од матурата. Учениците го изразуваат својот револт и страв околу ова решение и како тоа ќе влијае на нивниот успех на матурата. Од искуството од пред две години, кога во текот на корона-кризата се учеше онлајн, се покажа дека онлајн наставата е неефикасен начин на спроведување на образовниот процес. Учениците беа оставени да се справуваат со новонастанатата ситуација, како и со академскиот притисок и предизвиците со менталното здравје“, се вели во реакцијата на ОДАС.

Од организацијата бараат надлежните да применат поефикасно решение на проблемот со онлајн наставата, да го решат проблемот со дојавите за бомби во училиштата и да им излезат во пресрет на матурантите.

Инаку, наставата во континуитет се прекинува поради речиси секојдневните дојави за поставени бомби што ги добиваат училиштата. Во овој период треба да се формираат оценки, па честите прекини на наставните часови го отежнуваат процесот на тестирања и испрашувања. Министерството за образовани и наука наложи наставата да продолжува онлајн, но родители реагираа дека нивните деца не можат да се вклучат на „Тимс“.

Мета.мк пишуваше за тоа како влијаат на образовниот процес дојавите за бомби. Професорката по психологија Ники Ивановска Котевска, која предава во гимназиите „Ѓорги Димитров“ и во „Никола Карев“ рече дека во последно време имало ученици кои доаѓаат неподготвени на час (без основен прибор за работа), со објаснување дека „каде и да е, ќе има дојава“, а пак, оние ученици кои доаѓаат од подалеку, повеќе време поминуваат во градскиот превоз отколку во клупите.

„Се забележува зголемено ниво на стрес кај матурантите. Доминира фрустрирачкиот момент за самиот прекин на наставата, за разлика од ситуацијата во основните училишта, каде стресноста при евакуација е поголема, а дополнително родителите неопходно е самите да ги земат своите деца од училиште“, изјави Котевска за Мета.мк.