Орце Ѓорѓиевски е новиот градоначалник на Скопје, кој во вториот круг на локалните избори го победи Амар Мециновиќ од Левица. На изборите кои ги карактеризира слабата излезенот, како и големиот број на неважечки ливчиња, неговата партија ВМРО-ДПМНЕ е апсолутниот победник со освоени 54 градоначалнички места плус Градот Скопје.

Малиот одзив на граѓаните на локалните избори е директната причина што Ѓорѓиевски за градоначалник на Скопје, каде што се регистрирани над 470.000 гласачи е избран со само 95.572 гласа или 20 отсто од гласачите. Неговиот противник Мециновиќ освои 61.475 гласови и иако ја дуплираше поддршката од првиот круг, кога за него гласаа 30.665 граѓани, тоа не беше доволно за да биде избран како прв градоначалник поддржан од партија која не е од двоецот ВМРО ДПМНЕ или СДСМ.

Тие двајцата заедно во вториот круг освоија над 157.000 гласови, што е малку повеќе од тоа што Петре Шилегов сам го освои во 2017 година, кога стана градоначалник на Град Скопје од СДСМ уште во првиот круг. Шилегов тогаш доби поддршка од 141.164 гласачи, а неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски имаше 101.472 гласа. Тоа се речиси 100.000 гласови повеќе за двјцата кандидати, во споредба со годинешните избори, низ што се отсликува апатијата која владее кај македонските гласачи.

На изборите во 2021 година за досегашната градоначалничка Данела Арсовска, која се кандидираше како независна, но беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ гласаа 118.765 гласачи, за разлика од Шилегов, кој доби 90.473 гласови во вториот круг.

На тие избори Шилегов победи само во три скопски општини, Центар, Чаир и Сарај, а Арсовска го доби мнозинството во сите други општини. Годинава, Мециновиќ повеќе гласови од Ѓорѓиевски доби само во Центар.

Освен Скопје, ВМРО ДПМНЕ освои уште 54 градоначалнички места, од кои 33 уште во првиот круг на изборите. Тоа е зголемување за дури 14 општини, споредено со изборите во 2021 година, кога освоија 40 градоначалнички позиции. Во 2017 година, пак, ВМРО ДПМНЕ имаше само пет свои градоначалници.

СДСМ во следните 4 години ќе раководи само со 6 општини. Во 2021 година освоија 18 општини, а во 2017 година дури 56. Пад на довербата кај граѓаните има и кај ДУИ, кои преку својата Национална алијанса за интеграција во следните четири години ќе раководат само 4 општини. За разлика од сега, на изборите во 2021 година победија во 13 општини, а во 2017 година во 10 општини. Приматот кај албанското гласачко тело на овие избори го презема коалицијата ВЛЕН со 9 освоени градоначалнички мандати.