Орбан се понуди да посредува меѓу Македонија и Бугарија

Унгарскиот премиер истакна дека е „огромна грешка, историска грешка што сè уште не се започнати преговорите на ЕУ со Македонија“

-

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на денешната посета во Македонија, кажа дека не е тајна дека неговата партија ФИДЕС и ВМРО-ДПМНЕ се братски партии, и дека ова му е 18-та средба со премиерот Христијан Мицкоски. Орбан рече дека на средбите со неговиот колега Мицкоски не ги мешаат партиските прашања и дека членството на земјава во Европската Унија било клучно прашање на овие разговори.

Фото: Влада на РСМ

„Важно е да ги зачуваме нашите идеали и националното достоинство и мислам дека ќе се согласите дека за една нација најважно е да го зачува националното достоинство. Ставот на Унгарија како претседавач на ЕУ е добро познат – многу е важна стабилноста на западно балканскиот регион и мора да го обезбедиме проширувањето. Сметаме дека е многу важно да се забрза процесот на зачленување на Македонија во Европската Унија“, изјави Орбан.

Унгарскиот премиер истакна дека е „огромна грешка, историска грешка што сè уште не се започнати преговорите на ЕУ со Македонија“.

„Оваа грешка може да се стави на квадрат оти Северна Македонија ќе биде ставена зад Албанија во однос на зачленувањето, за што не гледам никакви причини. Ќе биде голем предизвик за оваа влада за овој нечесен став“, изјави Орбан, додавајќи дека Унгарија сака да помогне во процесот на зачленување во ЕУ и бара од владата да каже во кој дел ѝ е потребна помош.

Орбан рече дека Унгарија е подготвена да го искористи своето претседавање со Европската Унија и да биде посредник меѓу Скопје и Софија за наоѓање решение за спорот.

Фото: Принтскрин, прес-конференција во живо

„Следниот чекор е, на некој начин, да се спогодат со Бугарија, а јас за тоа имам предлог што му го пренесов на премиерот Мицкоски. Му кажав дека сме подготвени да го искористиме претседавањето со Европската Унија и да посредуваме во ова прашање“, изјави Орбан.

Во однос на заемот од Унгарија за Македонија, Орбан рече дека станува збор за европски, а не за кинески пари, како што се шпекулирало во јавноста.

„Кинески пари не можеме да ви дадеме, европски пари можеме и тие ќе ви ги даваме. Ние имаме договор со Кина тие пари да бидат користени за проекти во Унгарија, и затоа ние не можеме да дадеме кинески пари“, рече Орбан.

На новинарско прашање дали тој го поддржува Доналд Трамп за претседател на САД и доколку победи, какви промени очекуваат на европската сцена, Орбан рече: „Ако САД сакаат да имаат претседател кој е за војна, тогаш светот ќе има војна, ако сакаат да има мир, треба на чело на Америка да е политичар кој е за мир, а Доналд Трамп е за мир“.

„Политиката на Западот денес е во рацете на еден тесен круг политичари, на една елита. И ако се прашаме зошто како како Запад и како ЕУ губиме, тоа е заради тој елитистички круг на застарени политичари кои не можат да се справат со светските предизвици. Затоа треба да поддржиме енергични политичари“, рече Орбан на заедничката прес-конференција со премиерот Мицкоски.

Мицкоски истакна дека „Унгарија секогаш нè поддржувала, како во тешките времиња, така и во напорите за нашата европска интеграција“.

Фото: Влада на РСМ

„Унгарија отсекогаш била силен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и на нашите аспирации за полноправно членство. Ние ја делиме заедничката визија со нашите унгарски пријатели за интегриран Балкан, каде сите земји од регионот ќе бидат дел од големото европско семејство. Оваа визија не се однесува само на политичките и економските интеграции, туку и на нашата заедничка културна и историска врска која е клучна за стабилноста на целиот Балкански Полуостров. Верувам дека со поддршката на Унгарија и другите наши сојузници, Балканот ќе го заземе своето заслужено место во Европската Унија“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека со Орбан разговарале за широк спектар на теми од билатерално и регионално значење и дискутирале за стратешки проекти како Север-Југ транспортниот и енергетскиот коридор, којшто го поврзува Балканот со Унгарија.

„Нашата соработка со Унгарија ќе биде клучна за успешна имплементација на овие иницијативи“, рече Мицкоски.

Од опозициската СДСМ изјавија дека денешната средба меѓу Мицкоски и Орбан не носи ништо ново ниту надежно за македонските граѓани.

„Оваа посета Мицкоски требаше да ја искористи и јавно да го праша Орбан, зошто амбасадорот на Унгарија, инаку земја претседавач на ЕУ, гласал за одвојување на Македонија и Албанија. Ова требаше да го праша Мицкоски. Зошто македонските граѓани, во неговото претседавање се доведени во ситуација да бидат последни во редот за приклучување во ЕУ? Ако тоа воопшто некогаш се случи. Мицкоски требаше да го праша Орбан зошто не помогна, како стратешки партнер, во периодот кога договарале кредити од сомнително, кинеско потекло, да се промени преговарачката рамка, како што ветуваше Мицкоски“, велат од СДСМ.

Не е точно дека претседателката ги помешала Жбогар и Голоб

Претседателката Сиљановска Давкова никаде во објавата не спомнува дека се сретнала со Голоб, за потоа да објави фотографија од средба со Жбогар и да изгледа како да не знае...